Францускиот дневен весник „Либерасион“ го обвинува еврокомесарот Јоханес Хан за корупција, наведувајќи дека тој им дозволил на странски лобисти да го поканат на лов и на скапи вечери и ручеци, без да пријави, како што е предвидено, објавија австрискиот јавен сервис ОРФ и дневниот весник Стандард.

Весникот наведува дека Хан ја прифатил поканата да замине на лов со белгиски лобисти во декември 2015 година и посочува дека според кодексот на однесување бил обврзан да ја пријави до Европската комисија поканата што ја добил од лобистот „Сопственик на земјиште“ (ELO).

Неименуван портпарол на Хан изјави за ORF и Стандард дека повикот бил исклучиво приватен. Тој кажа дека во ловот учествувал со тогашнaтa партнеркa, којa поседува ловачка дозвола. Хан сметал дека тоа не треба да се пријави во регистерот за транспарентност, а според Стандард тој се доведува во врска и со други ситуации со конфликт на интереси.

Така, тој во јуни годинава дури трипати ручал или вечерал со претставничката на Австрија во одборот за ревизија, Хелга Бергер. Еднаш бил придружуван од сегашната партнерка Сузана Рис-Пасер, поранешна вицеканцеларка. Според весникот, Бергер платила во ресторанот и ја препратила сметката до одборот за ревизија.

Од кабинетот на Хан велат дека ваквите средби се дел од редовната размена на мислења меѓу комесари и претставници на институции и организации и дека ниту за тоа не требало да се пријавува.