Пандемијата го забави и влијае врз ритамот на фолклорните друштва и ансамбли, првите месеци од пандемијата ја задушија иницијативноста и креативноста, и за жал опасноста демнее до состојба на исчезнување на некои културно уметнички друштва, вели во интервју за МИА м-р Валентин Соклевски, етнолог и истражувач од Битола.
Фолклорните групи и ансамбли мора да се заштитат затоа што имаат голема улога во живото егзистирање на традиционалните игри, песни и обичаи, како и во зачувувањето на народните носии и автентичните изворни инструменти, нагласува Соклевски, автор на национално истражување на тема „Состојбата, проблемите и перспективите на здруженијата, групите и ансамблите од областа на фолклорот во ситуација на светска пандемија“, кое го поддржа Министерството за култура.
Кој беше мотивот за да го истражувате влијанието на пандемијата врз работата на групите и ансамблите во културно уметничките друштва?
Во 2020 и почетокот на 2021 година, под притисок на светската пандемија со корона вирусот, групите и ансамблите запреа со својата работа и беа доведени во незавидна ситуација која ја истакна потребата од истражувања, анализи и посочување на можности за надминување на состојбите. Воден од мотивот дека оваа категорија на здруженија на граѓани има голема улога во заштитата на духовното и материјалното културно наследство и со желба лично да помогнам во заштитата на традиционалните лабаратории во кои се чуваат и живо егизистираат вистински вредности, спроведов истражување во кое беа вклучени 27 лица од различни ансамбли, директно беа интервјуирани 14, а анкетирани уште 13 лица од цела Република. Станува збор за значајни чинители во фолклорната дејност, односно претседатели на ансамбли, уметнички раководители, членови на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија-СОФАМ и активисти во дејноста. Имајќи во вид дека пред пандемијата во државата, повремено или редовно работеа околу 100 ансамбли, примерокот е оценет како солиден и обезбеди веродостојни податоци, сознанија и резултати. По завршувањето на истражувањето кое се однесува на периодот февруари 2020 година – јуни 2021 година, извршив обработка, анализа, класификација на податоците и изработив дескриптивен дел за секој сегмент поединечно, како и предлог ургентини мерки за санирање на состојбите на краток рок, и стратешки мерки за развој на подолг рок. Првата слика и сегашната слика се разликуваат затоа што субјектите кои ја практикуваа фолклорната дејност во периодот до почетокот на пандемијата, односно до почетокот на 2020 година, работеа нормално, континуирано согласно со предвидените планови и проекти. Во анализираните субјекти имаше над 2.000 членови, претежно распоредени во фолклорни ансамбли според возраста. Во нивниот состав работат и вокално инструментални секции, оркестри на народни традиционални инструменти и оркестри на индустриски инструменти. Групите и ансамблите располагаа со своја гардероба, носија, костими, од кои дел се автентични, изворни, а дел се новосоздадени по пример на изворните. Својата дејност ја извршуваа во свои простории или изнајмени објекти.
Каква беше состојбата во ансамблите за време на пандемијата?
Со појавата на светската пандемија предизвикана од корона вирусот, зголемувањето на бројот на заболените и воведувањето на државните мерки за заштита, односно по 20 февруари 2020 година, комплетната ситуација во фолклорната дејност се промени. Фолклорните ансамбли престанаа со својата дејност и преминаа во фаза на мирување, салите за проби и за сценска презентации се затворија, предвидените концерти, гостувања и фестивали се откажува. Соочени со опасности по здравјето на своите членови, ризик од ширење на пандемијата, без соодветни протоколи за дејноста и со многу оправдани мерки и ограничувања, ансамблите беа доведени во незавидна ситуација која е обременета со многу проблеми и непознаници. Во зависност од проценките на раководствата и членовите најголемиот број од ансамблите целиот период го поминаа во мирување, дел реализираа парцијална активност, а некои практикуваа модифицирана активност во текот на целиот период, вели Соклевски.
Додава дека Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“-Битола е првиот фестивал кој што ги отвори своите сцени за презентација на фолклорни содржини во живо на отворено во 2020 година, но и стана првиот интернационален фестивал кој се реализира онлајн во Македонија.
Кои се и какви пандемиските последици врз фолклорните друштва и ансамбли?
Опасноста од инфекција, пропишаните мерки за заштита, како и чувството на одговорност кај раководните структури на групите и ансамблите за здравјето на своите членови, доведоа до ситуација на почетокот сите комплетно да ја прекинат својата активност се додека не се остварат услови за безбедно вршење на дејноста. Во услови на пропишани мерки на заштита како и соодветни протоколи за работа во голем број сфери од општественото живеење, и немањето на соодветни специјализирани протоколи за фолклорната дејност претставуваше огромна тешкотија за ансамблите. Покрај другото, тоа предизвика чувство на инфериорност и даде можност за ширење на разни дезинформации и демотивизација. Тоа на некој начин во првите месеци од пандемијата ја задуши можноста на иницијативност и креативност за изнаоѓање модел на делување кај најголемиот број на ансамбли. Запирањето на активностите предизвика и запирање на финансиските приходи, а прекинот на пробите ја прекина чланарината, запреа и приходите од самофинансирачки активности. Предвидените проекти од областа на концертната активност, гостувањата на интернационални фестивали не можеа да се реализираат, а со тоа и договорените дотации од Министерството за култура за дел од одобрената и прифатената програма не можеа да се исплатат. Во ситуација на пандемија и општа здравствена криза се изгуби подршката од спонзорите и донаторите, а и од локалната самоуправа. Акумулацијата на неочекувани проблеми доведе до голема финансиска криза во групите и ансамблите… eдинствено ентузијазмот на одредени раководители, кои со голем напор обезбедуваа средства за елементарните потреби, како и приходите од Министерството за култура за проектите кои не беа директно загрозени од пандемијата (изработка на носии, набавка на инструменти, подготовка на изложби, печатење на монографии и сл.) ги држеа одредени ансамбли во некоја минимална финансиска кондиција, но стравот не исчезна, напротив доведе до несигурност и чувство на загрозеност за иднината на ансамблите и воопшто фолклорната дејност во државата.
Што се случи со концертите во време на пандемија?
Во националното истражување согледав дека еден од основните услови за поефикасна работа на ансамблите е изготвување на соодветни протоколи за работа што би ги подготвиле тимови од стручни лица од фолклорната дејност, здравствените власти и Министерството за култура. Врз основа на скромните искуства во периодот, во услови на намалена инфекција, можеше да се работи со мали групи со доследно почитување на насоките за мерење на телесна температура, дезинфекција на раце, носење на маски, држење на максимално можно растојание или работа со поголеми групи во широки простори и на отворено. Активноста онлајн, ансамблите ја користеа за учество на онлајн интернационални фестивали, за комуникација, состаноци, а незначителен број ја користеа за едукација како што беше Семинарот за традиционална музика и игра во Битола и кој минатата година се реализира комплетно онлајн. Во овој период најголем број од ансамблите работата за време на пандемија ја насочија кон одржување и изработка на носии, реализација на изложби и подготовка и издавање на монографии и други печатени материјали.
Какви мерки сметате дека треба да се преземат за зајакнување на ансамблите и фолклорната дејност?
Љубовта на младите луѓе кон својата традиција, желбата, мотивот и постоечката сила и енергија за работа на илјадниците ентузијасти, фактот дека фолклорот е повеќе од игра, постоечката материјална, просторна но и кадровска база и потенцијал, а секако и децениската традицијата на егзистирање и справување со тешкотии и проблеми, ќе овозможат нов исчекор и перспектива. Покажаните слабости треба да делуваат како поука и сигнал за цврсто еснафско здружување во рамките на СОФАМ и изнаоѓање на заеднички темелни основи за соработка кои ќе ги заштитат субјектите, дејноста и ќе обезбедат нова перспектива. При тоа треба да се надминат сите евидентирани негативности, фобијата од промени, да се воспостави систем на валоризација кој ќе овозможи институционална сигурност и предвидливост без да се загрози слободата на уметничкиот израз и индивидуалните посебности и без да се наштети на традиционалните вредности кои се предмет на негување и презентација. Заздравувањето и зајакнувањето на ансамблите и воопшто фолклорната дејност од последиците предизвикани од светската пандемија е процес кој треба да биде испланиран, организиран и реализиран од страна на сите субјекти од дејноста, Министерството за култура, локалната самоуправа и СОФАМ Затоа потребни се ургентни мерки со кои ќе се овозможи дефинирање протоколи за вршење фолклорна дејност во време на пандемија, утврдување на основните финансиски потреби на ансамблите и помош за нивно подмирување, обезбедување на основните просторни, материјални, стручни и други потреби и помош за нивно задоволување, пропишување на мерки за заштита на носиите, како и стручна помош и едукација за развој на алтернативни начини за вршење на дејност вклучувајќи ја и онлајн дејноста во ситуација на продолжена пандемија.
За жал, заклучува м-р Валентин Соклевски, етнолог и истражувач, светската пандемија со корона вирусот има огромно негативно влијание врз работата на здруженијата, групите и ансамблите од областа на фолклорната дејност во Македонија.