Германските Зелени денеска треба да го објават резултатот од гласањето на членовите за тоа дали да продолжат со трипартиската коалиција со социјалдемократите (СПД) и Слободните демократи (ФДП).

Гласање „за” ќе го отвори патот за првата влада по 16 години без Ангела Меркел на чело.

Нема сомнеж дека коалицискиот договор ќе биде одобрен, и покрај некои спорови околу доделувањето на владините места во пресрет на гласањето, јави ДПА.

Левоцентристичката СПД и про-бизнис ФДП веќе го одобрија договорот на партиските конференции за време на викендот.

Доколку Зелените го следат примерот како што се очекува, новата влада ќе биде формирана утре со потпишување на коалициски договор. Во среда, кандидатот за канцелар Олаф Шолц од СПД ќе положи заклетва како наследник на Меркел.

Веќе се познати имињата на девет сојузни министри од Зелените и ФДП, а денеска СПД ќе именува уште седум.

Шолц сака да има најмалку ист број жени колку и мажи во неговата влада.