Поранешен дисидент и лидер на колумбиската бунтовничка група ФАРК, е убиен во заседа во Венецуела, објавија локалните медиуми.
Ернан Дарио Веласкез, попознат по прекарот „Ел Паиса“, наводно бил убиен во венецуелската држава Апуре. Неговата смрт не е официјално потврдена, а колумбиската армија соопшти дека нема сознанија за убиството. Локалните медиуми шпекулираат дека платеници можеби го убиле Веласкез, барајќи награда за неговото апсење.
Колумбиските власти велат дека нема да ја потврдат неговата смрт додека официјалните лица не го видат неговото тело, додека портпаролот на колумбискиот претседател Иван Дјук изјави за Ројтерс дека неговата канцеларија бара дополнителни информации.
Бунтовниците од групата ФАРК (Револуционерни вооружени сили на Колумбија) се марксистичка герилска група која војувала против колумбиската влада повеќе од 50 години, само за да се согласи на прекин на огнот во 2016 година.
Сурови убиства Командантот на една од најстрашните единици на ФАРК – Веласкез – стана познат по суровоста на неговите напади. Тој стои зад нападот со автомобил-бомба во колумбиската престолнина Богота во 2003 година, во кој загинаа 36 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Тој стана особено познат кога се приклучи на преговорите за мировниот процес во Хавана во 2016 година, што многумина го видоа како сигнал дека герилците навистина се залагаат да го положат оружјето.
Сепак, Веласкез го прекрши примирјето во 2018 година и повторно се појави една година подоцна со поранешните водачи на ФАРК, Иван Маркез и Хесус Сантрик, за да го објави формирањето на нова бунтовничка група наречена Сегунда Маркеталиа, и објави дека повторно земаат оружје.