Социјалдемократската партија на Германија (СПД) денеска ги претстави министрите во новата влада предводена од Олаф Шолц.
Именувањето на Карл Лаутербах за нов министер за здравство ја воодушеви германската јавност. За време на пандемијата на коронавирус, видниот лекар стана ѕвезда на партијата бидејќи во моментов има над 700.000 следбеници на Твитер и речиси седкоја недела се појавува во ТВ емисии, повикувајќи на остри акции за потиснување на ширењето на вирусот.
СПД ќе има голем број жени на клучните позиции во новиот владин кабинет. Идниот канцелар Олаф Шолц ја назначи Ненси Фезер за прва жена министерка за внатрешни работи на Германија, додека Кристин Ламбрехт ќе го предводи Министерството за одбрана.
Клара Гејвиќ ќе го преземе новото Министерство за домување. Свења Шулце, која беше министерка за животна средина во владата на Ангела Меркел, ќе го преземе Министерството за развој, додека Хубертус Хајл ќе остане министер за труд.
Шолц вети дека новата влада ќе ги поддржи жените во политиката, а тие ќе преземат половина од министерските функции.
На партиската конференција во саботата СДП го одобри новиот коалициски договор со кој тие ќе управуваат заедно со Зелените и либералите (ФДП). Договорот доби огромна поддршка, откако за него гласаа 598 делегати, седум беа против, а тројца воздржани.
Новата влада заклетвата ќе ја положи в среда.