Земјите од Европската унија потрошија речиси 200 милијарди евра за одбрана во 2020 година, што е најмногу од почетокот на евиденцијата во 2006 година, но намалени се заедничките владини инвестиции, се вели во денеска објавениот извештај на Европската агенција за одбрана (ЕДА).

ЕДА, која им помага на владите на Унијата да ги развијат своите воени способности, соопшти дека вкупните трошоци на земјите од ЕУ освен Данска – која се откажува од воените проекти на ЕУ – достигна 198 милијарди долари, што е за 5 отсто повеќе од 2019 година, пренесува Радио Слободна Европа.

Трошоците за одбрана беа 1,5 отсто од економското производство на 26-те земји на ЕУ, што е добредојдена бројка за НАТО предводен од САД, кој бара од земјите-членки за одбрана да одвојуваат 2 отсто од БДП. Повеќето членки на ЕУ се исто така дел од НАТО, но сакаат да можат да дејствуваат независно од САД кога е потребно, пренесува РСЕ.

Меѓутоа, во извештајот на ЕДА се наведува пад на трошоците за соработка и покрај одбранбениот пакт на ЕУ потпишан кон крајот на 2017 година во обид да се здружат ресурсите и да се стави крај на натпреварот меѓу националните индустрии што ги ослабна минатите одбранбени напори.

– Трендот на опаѓање на европската заедничка потрошувачка е особено загрижувачки, оцени извршниот директор на ЕДА, Јири Седиви во извештајот, во кој се констатира намалување од 13 отсто во заедничката набавка на опрема од 2019 година на 4,1 милијарди евра.

Кога купуваа опрема минатата година, владите на ЕУ во голема мера работеа сами, не исполнувајќи ја обврската преземена во Унијата во 2017 година да се осигураат дека нешто повеќе од една третина од таквите набавки се направени заедно со другите членки на Унијата.