Индија и Русија потпишаа повеќе спогодби и договори за соработка во областа на малокалибарското оружје и одбраната, соопшти денеска преку Твитер индискиот министер за одбрана Рајнат Синг.

„Драго ми е што се потпишани повеќе спогодби, договори и протоколи поврзани со малокалибарското оружје и воена соработка", се вели во твитот, пренесува руската агенција ТАСС.

Понатаму се додава дека Индија длабоко ја цени силната поддршка на Русија за Индија.

„Се надеваме дека нашата соработка ќе донесе мир, просперитет и стабилност на целиот регион", напиша Синг.

Претходно денеска, индискиот началник за одбрана разговараше со неговиот руски колега, армискиот генерал Сергеј Шојгу во Њу Делхи, пред почетокот на руско-индискиот самит.