Приклучувањето на Бугарија во еврозоната ќе доведе до зголемување на приходите, изјави гувернерот на Бугарската народна банка Димитар Радев за bTV. Како што јави дописникот на МИА од Софија, депозитите на бугарските граѓани од левови автоматски ќе се претвораат во евра штом земјата ќе стане членка на еврозоната.
Димитар Радев коментира дека не случајно синдикатите во земјата се едни од најголемите поддржувачи на овој процес. Тој најави дека БНБ е подготвена да ја изврши обемната работа што треба да се заврши во следните две години, а политичкиот дел останува да се види.
-Поставени се барања еврото да влезе во сила на 1 јануари 2024 година – ќе видиме, рече Радев. Гувернерот на Бугарската народна банка изјави и дека едно евро ќе чини 1.9553 лева и дека тоа ќе биде сегашниот курс што ќе се користи при преминување кон заедничката европската валута. И двете валути ќе можат да се користат во релативно краток период – околу еден месец, а првично цените ќе бидат објавени и во евра и во лева. За да се навикнат луѓето на овој тренд, тој ќе започне 6 месеци пред преминувањето на еврото и ќе продолжи една година потоа.
Тој е категоричен дека и покрај зголемената инфлација, бугарскиот банкарски систем е стабилен. Радев предвидува дека инфлацијата во Бугарија ќе се стабилизира следната година. Гувернерот на БНБ појасни дека буџетскиот дефицит е еден од критериумите што може да го запре пристапот на Бугарија во еврозоната, но Софија е во многу добра почетна позиција по овој индикатор.
Според него, за време на епидемијата на Ковид, се зголемени банкарските депозити на Бугарите. Гувернерот на БНБ извести дека има скок и во купувањето станови. Според него, во моментов не може да се зборува за „имотен меур”, но постои таков тренд. Радев додаде дека тоа не се добри знаци за развој на економијата, но сепак предвидува дека таа ќе закрепне од предкризните нивоа на крајот на 2022 година.