Со масовна излезност и продолжување на избирачкиот процес, поради големиот одѕив, синоќа заврши првиот круг од изборите за претседател на грчката партија Движење на промена, поранешно ПАСОК, а прв е европратеникот Никос Андрулакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Вториот круг од изборите ќе се одржат следната недела, а битката за лидерската позиција ќе ја водат Андрулакис и поранешниот премиер Јоргос Папандреу.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА со пребројани 90 отсто од гласовите, Андрулакис добил 37,11 отсто, а Папандреу 27,6 проценти од гласовите.

На третото место, со само еден отсто помалку е Андреас Ловердос, а потоа следат останатите тројца кандидати.

Проценките се дека гласале околу 276.000 лица, над 60.000 повеќе во споредба со претходните избори пред четири години.

Останува отворено прашањето дали новиот лидер на партијата ќе го врати старото име ПАСОК или ќе го задржи новото Движење на промена.

Изборите беа одамна закажани за 5 декември и не се поврзани со смртта на лидерката на партија Фофи Генимата која планираше повторно да биде кандидат за претседателската позиција, меѓутоа влошувањето на здравствената состојба ја натера да ја повлече кандидарата, а десет дена подоцна ја загуби битката со ракот.

Јоргос Папандреу се кандидираше откако Генимата соошшти дека се повлекува од трката.

ПАСОК последен пат победи на изборите во Грција во 2009 година, а во изминатите години, како Движење на промена е трета политичка сила во земјата.