Советот на ЕУ успеа да постигне начелен договор околу основите на законскиот предлог за минимална плата во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Минималната плата не постои во сите земји членки на ЕУ, по години превирања и преговори денеска од Советот на ЕУ изјавија дека е постигната заедничка позиција врз основа на предлогот на Европската комисија за соодветни плати во ЕУ.
-Работата треба да се исплати. Не можеме да прифатиме луѓето што ја вложуваат сета енергија во својата работа и натаму да живеат во сиромаштија и не можат да си дозволат достоен стандард на живот, овој закон ќе биде одличен чекор напред кон оваа цел, изјави словенечкиот министер за труд и социјални работи, Јанез Циглер Краљ, чија земја претседава со ЕУ.
Предлогот на Европската Комисија предвидува “фер плати“ и поставува рамка со која ќе се промовираат соодветни нивоа на минимална плата, ќе промовира и колективни договори за одредување на платите и подобрување на ефикасен пристап до минималната плата за оние работници кои можат да претендираат да ја добијат, стои во текстот.
Што се однесува до колективните договори за преговарање за одредување на платите, разликите меѓу земјите членки се веќе големи. Европската Комисија констатира дека во земјите каде е висока стапката на колективни договори бројот на работници со ниски плати и повисоки минимални плати е поголем од земјите каде покриеноста на колективните преговори е ниска.
Предлог законот за минимална плата во ЕУ има за цел да постави процедурална рамка која ќе овозможи огромните разлики помеѓу земјите членки во областа на социјалните права и платите сепак да постигнат подобра заштита на минималните плати. Од друга страна, земјите со веќе висока заштита на социјалните права на работниците не смеат да бидат доведени во ситуација да ги ослабнат истите поради усогласување на ниво на ЕУ. Таков е случајот во Шведска и Данска.
Предлог законот е на маса од октомври 2020.
Со денешниот договор во Советот се отвора процесот на преговори со Европскиот Парламент.
Парламентот гласаше за предлог директивата на 25 ноември со силна поддршка за преговори со Советот.
Европската Конфедерација на Синдикати потсети дека над девет милиони работници во ЕУ не можат да си ги платат сметките на крајот на месецот и се приморани да се задолжат за основни потреби како храна, кирија и греење.
-Законот за зголемување на минималните плати и колективните преговори, зајакнат од страна на Европскиот Парламент, е очајно потребен за сите работници ширум Европа, изјави Европската Конфедерација на Синдикати.