Францускиот инфектолог Жил Пиалу во изјава за „Паризиен“ предупреди дека митинзите пред претседателските избори закажани за напролет се „легло на зараза“ со коронавирусот и дека вирусот „не обрнува внимание“ на Уставот.

„Изборните собири можат да бидат плодна почва, а коронавирусот го игнорира Уставот“, изјави Пиалу, алудирајќи на оние кои го осудуваат воведувањето на ковид-пропусницата сметајќи дека е тоа спротивно на Уставот.

Пиалу, шеф на инфективно одделение во болница во Париз, ги повика политичарите, особено кандидатите за претседателските избори, да дадат пример.

„Треба да дадат пример, како може некој да биде кандидат за највисока политичка функција без да дава пример“, рече инфектологот кој ги осуди предизборните митинзи одржани минатиот викенд.

Според весникот „Уест Франс“, кандидатката на десницата Валери Пекрес решила својот прв предизборен митинг закажан за 11 декември да го одржи онлајн.