Научниците од експертската група што ја советуваат белгиската влада изразија длабоко разочарување со последните мерки кои не се во согласност со експертските препораки, јави дописничката на МИА од Брисел.

Владата во петокот свика итна нова координација само една недела по последната, но резултатите од тој состанок се одвај малку построги од претходните: маска за деца од шест години, но училиштата и угостителските објекти остануваат отворени иако е јасно дека на тие места вирусот најбрзо се шири. Додека пак театрите се затвораат, каде маските се задолжителни и физичката дистанца се почитува.

Прв разочарување изрази самиот портпарол на кризниот штаб создаден од белгиската влада.

Денеска Ерика Влиге од експертската група ГЕМС која ја советува владата изјави дека не е сигурно дека во иднина епидемиолозите повторно ќе поднесуваат препораки бидејќи не се чувствуваат доволно слушнати.

-Има разочарување затоа што очигледно не е возможно да се има кохерентно и ефикасно управување со епидемиите во нашата земја, фрустрирачки е, изјави Влиге.

Според неа владата требаше да донесе порадикални мерки посебно во училиштата каде вирусот најбрзо се шири.

Владата одлучи да ги затвори школите само два дена пред божикните празници наместо препорачаните две недели.

-Со недели се обидуваме да објасниме дека таму треба да се делува. Разбирам дека не е лесно. Затворањето на училиштата има социјални последици, но во одреден момент треба да се запрашаме што правиме. Дали управуваме со епидемија или не? Ако треба да се затворат училиштата треба да се затворат сега. Разбирам дека од социјална гледна точка е попрактично да се затворат за две недели но од виролошки аспект нема никаква смисла, изјави претседателката на експертската група.

Поради недоволно строгите мерки на владата, Влиге изјави дека за следниот координативен состанок на владата за Ковид-19 таа не може да гарантира дека експертската група ќе изготви мислење.