Германската еколошка партија Зелени денеска соопшти дека нејзиното членство го одобрила коалицискиот договор за формирање нова влада, што отвора пат за избор на социјалдемократот Олаф Шолц за иден канцелар.
Декларацијата на Зелените беше последната пречка за формирање влада, на која ќе и се придружат Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и либералната Партија на слободни демократи (ФДП).
Зелените се единствената од трите партии на новото парламентарно мнозинство чиешто членство може да гласа за коалицискиот договор.
Копретседателите на Зелените, Роберт Хабек и Аналена Баербок објавија дека 86 отсто од гласачите го поддржале договорот.
– Влегуваме во силна нова влада, со многу силен и разновиден кабинет, со голема поддршка при гласањето, истакна Бербок, идната шефица на германската дипломатија. Во текот на викендот, СПД и ФДП со големо мнозинство го поддржаа договорот за формирање на таканаречената коалиција „семафор“, именувана според боите кои се користат за обележување на трите партии (црвено-жолто-зелено).
Шолц треба да биде избран за канцелар в среда, со што ќе заврши 16-годишното владеење на Ангела Меркел. Најмалку 369 од 736 пратеници во Бундестагот треба да гласаат за да биде избрана влада, а новата владејачка коалиција има 416 места во Парламентот.