Лидерите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД изразија решителност во вчерашниот телефонски разговор дека суверенитетот на Украина мора да се почитува, соопшти кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.

Русија е обвинета дека подготвува напад врз нејзиниот сосед, а лидерите „изјавија дека се подготвени да преземат чекори за зачувување на мирот и безбедноста во Европа”, соопшти кабинетот на Макрон по разговорите.

Тие истакнаа дека Русија мора да преговара со Украина како дел од групата „нормандска четворка” под покровителство на Франција и Германија, додаде кабинетот на францускиот претседател.

Белата куќа по разговорите соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, италијанскиот премиер Марио Драги и британскиот премиер Борис Џонсон изразиле загриженост поради трупањето на руски војници на границата со Украина.

Тие истакнаа дека го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, се вели во соопштението на Белата куќа.

Тие ја повикаа Русија да ги намали тензиите и заклучија дека единствено решение за конфликтот во Донбас е дипломатијата, преку спроведување на Договорот од Минск.

Тие најавија продолжување на консултациите за „координиран и сеопфатен пристап” кон проблемот, во кој ќе учествуваат и сојузниците од НАТО и партнерите од ЕУ, соопшти Белата куќа.

Украина ја обвини Русија дека распоредила десетици илјадници војници долж границата како подготовка за можна воена офанзива од големи размери.

Кремљ ги негира обвинувањата, тврдејќи дека ги преместува силите низ својата територија исклучиво за одбранбени цели. Тие, исто така, велат дека потенцијалното распоредување на ракети на НАТО во Украина би се сметало за преминување на „црвената линија”.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе одржи видео-конференциска средба со американскиот претседател Бајден.