Квалитетот на воздухот во европските градови е подобрен во изминатите 20 години, особено во 2020 година поради пандемијата Ковид-19, но нивото на загаденост сè уште го загрозува здравјето на повеќето од нивните жители, предупреди Европската агенција за животна средина.

Загадениот воздух е најголемата закана за здравјето на луѓето и ситните честички во 2019 година предизвикаа дури 307.000 смртни случаи во Европската унија, иако оваа бројка е три отсто помала од 2005 година, утврди ЕЕА.

Британските медиуми пренесуваат дека околу 97 отсто од урбаното население во ЕУ во 2019 година било изложено на повисоки нивоа на фини честички во воздухот отколку што е препорачано од Светската здравствена организација, а 94 отсто од нив биле изложени на повисоки нивоа на азотен оксид.

Изложеноста на загаден воздух е поврзана со појава на рак на белите дробови, кардиоваскуларни болести и астма.

ЕЕА открива дека првичните податоци за 2020 година сè уште не се целосно потврдени и покажуваат одредено подобрување, веројатно поради временските услови и мерките за затворање во пандемијата со Ковид-19, кои привремено ги ограничија индустриските активности и сообраќајот.

Во сите земји на ЕУ, но и во другите европски земји, вклучително и Турција и Косово, 95 отсто од станиците за мониторинг на квалитетот на воздухот регистрирале повисоки концентрации на ситни честички во 2019 година од препорачаните со упатствата на СЗО. Во 2020 година, 92 отсто од нив забележале опасно високи концентрации.

Извор на фините честички се сообраќајот, индустријата, а во Централна и Источна Европа се поврзани и со согорувањето на цврстото гориво кое се користи за затоплување на домовите.

Босна и Херцеговина, Турција, Полска и Бугарија се меѓу земјите со највисоко ниво на овие честички, наведува европската агенција. Највисоко ниво на азот диоксид, чиј главен извор е патниот сообраќај, се забележани во Германија и Луксембург.

Извештајот на ЕЕА, исто така, ја истакнува големата разлика меѓу ограничувањата на СЗО, што беа заострени годинава, по ревизијата на научните докази за влијанието на загадениот воздух врз здравјето на луѓето и значително поблагите граници во ЕУ.