Општинските советници го усвоија Нацрт-буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година чија вкупна проекција изнесува околу 460 милиони денари, од кои како приходи на основниот буџет се предвидени околу 215 милиони денари.
Во структурата на вкупниот буџет, покрај приходите на основниот буџет се приходите од дотации во износ од 227 милиони денари,од донации во износ од 4 милиони денари како и приходите од самофинансирачките активности од 14 милиони денари.
За капитални расходи во основниот буџет се предвидени околу 70 милиони денари или 32,43 отсто.
Според градоначалникот Андон Сарамандов, вака проектираниот буџет има развојна компонента со зголемените средства во програмите за спорт и рекреација како и за создавање на услови за поголема искористеност на компаративните предности на поднебјето и на потенцијалните ресурси и капацитети за развој на алтернативниот туризам во општина Гевгелија.
По претстојната јавна расправа се очекува предлог буџетот на општина Гевгелија за 2022 година пред советниците повторно да се најде на усвојување пред истекот на оваа година.