Претставникот на иницијативата „Тргни – промени“, Саво Манојловиќ изјави денес на прес-конференција дека во сабота ќе продолжат еколошките протести низ Србија и повторно ја повика полицијата во соработка со граѓаните да ги обезбеди учесниците на тие собири, јави дописникот на МИА од Белград.

Манојловиќ кажа дека намерата на организаторите е да го зголеми бројот на блокади и ги повика граѓаните во што поголем број да излезат на протести.

Секој што ќе излезе на протест треба да знае дека самиот е одговорен за својата безбедност и не се точни наводите на „режимските медиуми“ за тоа што се случи на протестите минатата сабота, рече Манојловиќ и ја обвини власта дека против граѓаните „испраќа навивачи“. Манојловиќ оцени дека повлекувањето на Законот за експропријација и измените на Законот за референдум и народна иницијатива се услов за прекин на протестот.

Тој нагласи и дека „протестите нема да престанат“ доколку покрај Законот за експропријација не се подобрат и одредбите од Законот за референдум и народната иницијатива.

Според Манојловиќ „ултимативно барање“ е промена на одредбата за плаќање на таксата за народни иницијативи и прецизира дека вториот услов е поврзан со избирачките места.

Манојловиќ објасни дека во случај на референдум инициран со потписи на граѓаните во избирачките места кои ќе го контролираат гласањето, ќе бидат само партиски претставници.

Запрашан што ќе им порача на граѓаните пред референдумот на 16 јануари следната година, доколку не се смени законот, Манојловиќ кажа дека во тој случај нема да се занимава со референдумското прашање, туку дека ќе го „радикализира протестот“.