Повардарската епархија со седиште во Велес во своја продукција го сними и на 15 декември ќе го промовира документарниот филм „Печат на едно време“. Во него е претставена централната позиција во црковниот живот и поредок, односно животот на еден архиереј, кој во овој случај е претставен низ призмата на животот на Повардарскиот Митрополит Агатангел.
-Филмот содржи биографски осврт, со посебен акцент на дејноста на Митрополитот Агатангел во овие последни 16 години, откако тој повторно го возглави тронот на Повардарската епархија. Филмот се снимаше неколку месеци како авторски проект на Никола Цилаков, вработен во издавачката дејност и информативната служба на Повардарската епархија, информира за МИА, Цилаков.
Тој појаснува дека сите години кои ги има во служба на Црквата му помогнале вистински да го спознае црковниот поредок, црковната хиерархија и организација.
-Токму од овие причини, следејќи ја сите овие години архипастирската дејност на Митрополитот Агатангел, низ призмата на мојот фотоапарат, како и низ призмата на мојата работа и моите размислувања, дојдов до идеја да го реализирам овој проект, односно да направам биографски документарен филм за оваа плодна мисија на Митрополитот Агатангел, со посебен акцент на овој период од неговото повторно возглавување на тронот, односно катедрата на Повардарската епархија. Воедно со ова да оставам сведоштво во прво лице на идните генерации за она што се случувало во времето во кое Повардарската епархија доживеа една вистинска духовна ренесанса во секој сегмент од црковното живеење. Токму и затоа филмот е насловен „Печат на едно време, изјави Цилаков.
Покрај него, во изработката на филмот учествуваа: Елеонора Теова – режија, Дарко Спасовски и Милорад Каначковиќ – камера и дрон оператива, Дарко Спасовски – монтажа, како и Александар Најдов, кој ја изработи музиката за филмот.
Премиерата на филмот е закажана за 15 декември во 19 часот во салата „Бели Мугри“ во Велес.