Со изложба на околу 25 дела на унгарски уметници и со претставување на унгарската култура, денеска во прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“ се одржа манифестацијата „Унгарски културен мозаик“.

Ова е и во чест на јубилејот, 20 години од постоењето на унгарското здружение во Македонија „Теледом“ и со помош на унагарската Амбасада. Унгарскиот културен мозаик е проект кој се реализира во рамките на соработката на прилепскиот Центар за култура со унгарската Амбасада и со здружението „Теледом“. Овој проект првпат се реализира во Прилеп.

Според унгарскиот амабасадор во земјава Иштван Ласло Дукс, со ова се запознава македонската јавност со една мала унгарска заедница која многу добро соработува.

-Иако е малкубројна унгарската заедница сепак е активна имногу ни е мило што Здружението „Теледом“ има можност да се претстави со дел од унгарската култура. Прилепза нас е многу важна дестинација зашто долги години соработуваме, изјави амбасадорот Дукс.

Како што објаснува Јожев Шутош, претседател на здружението на Унгарците во Македонија, јубилејот од 20 години на Здружението е голем и ги има околу 200 членови.

– Иако корените на Унгарците во Македонија се од средината на 70-тите години, Здружението има јубилеј на активно дејствување од две децении. Тука сме прифатени одлично, имаме мешани бракови и секогаш нашата интенција е да не бидеме повластени, но, да имаме, а така е, еднакви права со сите, изјави Шутош.

На манифестацијата „Унгарски културен мозаик“ беа претставени унгарски традиционални музички инструменти и свирење како и дел од националната кујна на Унгарија.

Како што објаснува Каролина Мицевска, од секторот за односи со јавност на прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“, соработката со унгарската Амбасада и со претставувањето на унгарската култура е долгогодишна, датира од 2014 година со повеќе концерти и културни музички настани.

Проектот е поддржан од Агенцијата за остварувања на правата на заедниците во Македонија.