Хотелот „Молика“ на Пелистер е препознатливо место за туристите од светот. Годинава во „Молика“ беа туристи од Австралија, Америка и од Европа, вели во интервју за МИА, Никола Каровски, раководител на хотелот кој работи во рамките на Друштвото за угостителство, рекреација и спорт ЕЛЕМ Турс-Скопје.

Вработените во хотелот „Молика“, нагласува тој, подготвени ја дочекуваат зимската сезона, која почнува на 15 декември, а завршува на 15 март.

Како го оценувате досегашниот тек од календарската година и кога имавте најголема посета?

– Да бидам искрен, зимата секогаш е поинтересна затоа што ние сме зимски хотел, но летната туристичка сезона имаше и има своја атрактивност, бидејќи временски е подолга. Статистички летната сезона почнува од крајот на април и трае до крајот на октомври, а тоа овозможи овој дел од сезоната да биде поисполнет со гости кои доаѓаа од сите страни на светот. Во летниот период, освен гости од регионот, имавме посетители од Австралија, Америка, Канада и државјани на разни европски држави кои транизитираа низ Балканот, посетуваа различни туристички дестинации, но не го заобиколија Пелистер. Зимската сезона почнува на 15 декември и трае до 15 март и подготвени ја дочекуваме, рече Каровски.

Какви подготовки извршивте за претстојната зимска сезона?

– Традиционално во овој период од годината хотелот „Молика“ е исполнет стопроцентно со гости од регионот коишто престојуваат и уживаат во благодатите што ги нуди хотелот, но и Пелистер како национален парк. Деновиве го подготвуваме ски-центарот и се надевам дека снежните врнежи ќе бидат на радост на сите љубители на скијањето од Битола и регионот. Инаку и оваа година како и во минатите години нашите гости се од државите во регионот, станува збор за туристи од Бугарија и Албанија, а мал број македонски гости ќе имаме за новогодишната ноќ, но бројот на посетители од нашата држава значително се зголемува по Нова година, кога многу семејства одлучуваат православните празници да ги прослават во хотелот „Молика“ на Пелистер.

Каква туристичка програма им нудите на гостите?

– Околината на хотелот „Молика“ е испреплетена со 25 пешачки патеки, кои се користат кога има и кога нема снег, а патеките посебен предизвик се за планинарите. Во наша непосредна близина се историската патека од Првата светска војна, планинарската патека до месноста Копанки, патеката до месноста Јоргов Камен, патеката до Палиснопје, како и повеќе патеки што се наоѓаат под хотелот „Молика“ до Голема Ливада, Кај Печурката, детската едукативна патека и други локации. Содржините што Пелистер ги нуди како национален парк непречено може да ги користат сите посетители, потсети Каровски.

Каков е пристапниот пат од Битола до хотелот „Молика“?

– Тоа е стандардно прашање од нашите посетители, туристи, скијачи и рекреативци. Редовно се јавуваат и прашуваат дали патот е чист и безбеден. Одговорот и во оваа пригода е потврден и позитивен затоа што патот неодамна беше реконструиран и асфалтиран, а благодарение на екипи на ЈП „Македонија пат“ ПЕ-Битола со дневна координација овозможуваме патот да биде чист и прооден. Екипа на ЈП „Македонија пат“ секое утро врши целосна проверка на патот, чистење и ако треба опесочување на осојничавите места, сè со единствена цел секој што сака да дојде тоа да го направи безбедно и сигурно.

Хотелот „Молика“ е познат по својата кујна, дали има новини во понудата?

– Последниве неколку години на нашето мени понудивме новина балканска кујна, затоа што гостите од регионот сакаат да вкусат специјалитети од Балканот. Да бидам попрецизен, ние всушност нудиме кујна што ја нарековме традиционална македонско-балканска за што ги обезбедивме сите намирници. За посетителите и понатаму највкусно е македонското тавче-гравче, селска тава, пикантни и благи специјалитети, македонско вино, овошје, сокови, млеко, кисело млеко… сè се подготвува во нашата кујна и вистинско задоволство е кога ресторанот е полн со гости што се сместени во хотелот, но и гости што доаѓаат на ручек или на вечера во рестораните, посочи Каровски.

Колкав е капацитетот на хотелот „Молика“?

– Хотелот „Молика“ располага со 57 соби или 112 легла, од нив 3 апартмани, 3 соби се трикреветни, 6 еднокреветни соби, а останатите соби се двокреветни. Во период кога побарувачката е поголема, особено од семејства со мали деца ние излегуваме во пресрет на барањето на нашите гости и овозможуваме адаптирање на одредени соби со детски креветчиња. Се разбира, во хотелот има можност за одржување конференциски состаноци, семинари… лоби-бар за одмор и разговор.

Во таа смисла ги поттикнувам сите наши посетители во ова време на пандемија да дојдат на Пелистер, да дојдат во хотелот „Молика“, затоа што ние како хотел од самиот почеток сме посветени на безбедноста на секој наш посетител. Пандемијата го направи своето, но процедурите што ги применуваме овозможуваат секој гостин да се чувствува безбедно и пријатно во хотелот, изјави за МИА, Никола Каровски, раководител на хотелот „Молика“ на Пелистер.

Марјан Танушевски