Надлежните институции од Куманово будно ја следат состојбата со водостојот на реките во регионот. Денеска, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи опаѓаат водостојот на реките Пчиња, Крива Река и Кумановка, откако за време на викендот постоеше можност за излевање на водите. Реката Пчиња со мерна станица во атарот на селото Пелинце има 77 сантиметри, што е пад со последното мерење од вчера направено во 15:00 часот кога водостојот бил точно еден метар. Реката Кумановка, денеска има водостој од 55 сантиметри.
Според податоците на Регионалниот центар за управување со кризи Куманово, вчера се излеала на Крива Река во атарот на кумановското село Довезенце, во близина на куќите и шталите.
Даниел Стојчевски од општина Куманово рече дека општината е известена дека имало излевање на водите, но дека не се направени значителни штети.
– Известени се институциите од општината, АД Водостопанство, преземени се активности за санирање на критичниот дел. Водостојот на реките е зголемен, но засега во градежниот реон на општина Куманово, засега состојбата е под контрола, нема излевање во реонот на општината-изјави Стојчевски. Тој додаде дека два месеци општината го исчистила речното корито кое е во нејзин реон и таму во моментов нема проблеми, но дека состојбата будно се следи.
Директорот на АД Водостопанство „Кумановско-Липковско поле“, Оливер Илиевски, денеска потврди дека нивото на Пчиња и Крива Река е зголемено до точка на излевање, поради врнежите во државата и соседна Србија. Тој информираше дека изминатиов период се расчистени коритата и дека дрвната маса во соработка со „Национални Шуми“ е извадена од речните корита.
– Последниве три дена сме на терен, состојбата се следи, се координираме со сите институции. По барањето на институциите ќе излеземе на терен. Критични точки се Довезенце поради конфигурацијата на теренот, на спојувањето на Крива река и Пчиња и кај Шупли Камен, поради течението на речните корита и поради конфигурацијата на теренот. На овие точки се реагира-изјави Илиевски.
Вчера и општина Старо Нагоричане реагираше и ги отстрани гранките, дрвната маса кај мостот во село Коинце.
– По обилните дождови, исчистеное е коритото на Пчиња кај мостот во село Коинце, објави градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска.