Општина Тетово информираше дека ќе се преземат активности со цел да нема продавање од тезги на тротоари и јавни површини пред се околу зелениот пазар.
На продавачите им се препорачува да ги користат над 100 слободни тезги во внатрешноста на зелениот пазар.
-Ваквата акција на инспекторатот доаѓа како резултат на блокирањето на тротоарите околу пазарот, кои го попречуваат слободното движење на граѓаните и поради нелојалната конкуренција. Во просториите на „Зелен пазар" има 120 слободни работни места, па ги замолуваме сите продавачи да ја вршат својата дејност согласно законот, со влез во просториите на зелениот пазар, се вели во соопштението на Општина Тетово.
Повикот до продавачите да ги тргнат импровизираните тезги ќе трае од денес до 19 декември.
-До 19.12.2021 да ја отстранат својата стока од јавните површини, во спротивно ќе се соочат со законот. По истекот на рокот комуналното претпријатие ќе организира камион за транспорт на стоката до просториите на „Паркови и зеленило", во присуство на Општинскиот инспекторат, пазарниот инспекторат и полицијата. По отстранувањето на стоката, општинскиот инспекторат заедно со пазарниот инспекторат и Полицијата од понеделник, 20.12.2021 година, ќе вршат постојани контроли за заштита на јавните површини, се вели во соопштението на тетовската општина.
Од таму информираат и дека Секторот за комунални дејности треба да постави табли за паркирање на улицата „120", кои ќе се користи од ЈП „Градски паркинг" за зонско паркирање.