Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски порачува дека како регулатор нема да лицитираат со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари се додека не ги направат потребните анализи. Посочува дека одлуката за цената треба да биде донесена до крајот на месецов и нагласува дека јавноста детално ќе биде информирана колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.

Тој во интервју за МИА посочува дека одлуката за цената треба да биде донесена до крајот на месецов и нагласува дека јавноста детално ќе биде информирана колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.

Дали е реално да се очекува поскапување на електричната енергија до 10 проценти по 1 јануари, како што велат политичарите?

– Ние кажавме дека со цени нема да лицитираме. Ги добивме барањата од сите три компании. Сега ги анализираме, ги разгледуваме и тоа во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали ќе има трошоци за увоз, тоа е кај ЕВН Хоум и во делот кај Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената. Ние ќе видиме дали се реални тие цени коишто тие ги побарале за набавка на електрична енергија, негде се околу 220-230 евра за мегават час, дали може да бидат пониски и врз основа на тоа ќе ја донесеме нашата одлука. Потенцирам дека ние со цени нема да лицитираме додека не направиме анализи и за сето тоа ќе ја информираме јавноста колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.

Факт е дека најголем проблем ни е покривање на загубите и во преносната и во дистрибутивната мрежа. Во преносната мрежа се некаде околу 15-16 милиони евра побарано од нив дека се зголемени нивните трошоци, а во дистрибутивната мрежа 134 милиони евра. Значи, тоа се факти. И тука не може да се лаже. Тоа се тие бројки коишто ги пријавиле како трошок и факт е дека електричната енергија на берзата во Унгарија на ХУПЕКС денеска се приближи на 400 евра за мегават час. Тоа е фантастична цена и транспарентно го објавуваме и го кажуваме дека тоа има сериозно влијание и општо врз целокупниот пазар на електрична енергија не само во земјава, туку и во целиот регион.

На што се должи тоа?

– Во Европа цените овие последниве неколку дена се толку поради тоа што и цената на гасот нагло порасна, дојде до 1.500 долари за нормален кубен метар. Сето тоа прави сериозен притисок врз цените на електрична енергија, врз цените на природниот гас и врз цената на топлинската енергија.

Колкаво влијание на крајната цена има зголемувањето од 13,6 отсто што го понуди ЕСМ до ЕВН Хоум?

– Значи, од 13,6 проценти ако влијанието на ЕСМ во минатата одлука е 34 проценти, тоа значи дека влијанието ќе биде некаде околу 4,5 проценти. Значи, за толкав процент фактички мора да поскапи струјата. Тоа веќе е понудено. Сега ќе видиме како ќе го истераме со трошоците за обновливи извори и со трошоците од увоз, но тоа што го побарал ЕСМ тоа значи минимално поскапување од 4,5 проценти. Плус тука имаме трошок за обновливи извори којшто е сериозен и доколку има потреба од трошок за набавка на електрична енергија од увоз на слободен пазар, тоа ќе го детализираме во текот на следните неколку денови.

Сите компании дефинитивно побараа зголемување на цената?

– Сите компании дефинитивно побараа.