Во Македонска Каменица синоќа се одржа манифестацијата „Унгарски културен мозаик“ која е дел од активностите на Унгарското Здружение „Теледом“ и Амбасадата на Унгарија, а се организираше во соработка со Културно-информативниот центар „Романса“ од Македонска Каменица. Пред посетителите во рамки на настанот беше претставена изложба од 20 дела од Унгарците кои живеат во земјава низ презентација на унгарската музика, вино и десерти.
– Со организацијата на овој настан, ние како Унгарци, како заедница во Македонија, не сакаме да добиваме никаква привилегија во однос на другите заедници. Сакаме да бидеме еден мост, едно ткиво кое ги поврзува Унгарците и Македонците и со нашето однесување создаваме една позитивна слика кај Македонците за Унгарците. Ние овде се чувствуваме како дома и сакаме сите наши таленти да ги ставиме во служба на оваа држава, истакна Јожеф Шутуш, претседател на здружението на Унгарците „Теледом“.
Здружението на Унгарците „Теледом“ со организирањето на овој настан одбележува 20 години постоење на самиот проект кој го реализира со финансиска помош и поддршка на Агенцијата за остварување на правата на малите заедници во државата.
На сцената во Домот на култура во Македонска Каменица свој настап имаа и членови на културно-уметничкото друштво „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица.