Националната установа Центар за култура „Бели мугри“ од Кочани со промоција на Алманах на книжевни творби, по повод 82 години од издавањето на истоимената Рацинова стихозбирка, го одбележа патрониот празник.

Во Алманахот се застапени десетина роднокрајни автори кои испратиле свои творби на јавниот конкурс на тема „Како ги доживуваме Рациновите Бели мугри“.

-Од оправдани технички причини бевме принудени одбележувањето на патрониот празник и промоцијата да ги поместиме за неколку недели, наместо на 25 ноември, денот кога во 1939 година излегла од печат стихозбирката „Бели мугри“. Алманахот е збир на литературни творби на 11 наши автори застапени со песни , раскази, драмски текстови и видувања поврзани со ова значајно дело наголемиот македонски поет и револуционер Коста Рацин, истакна Ана Поп Михаилова, в.д директор на НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани.

Литературниот конкурс немаше натпреварувачки карактер, односно објавени се сите пристигнати творби, без доделување награди,

Издавањето на Алманахот е во рамки на годишната програма на Центарот за култура, а финансиски поддржан од Министерството за култура и со понзорство од печатницата „Генекс“ од Кочани.