Вицепремиерката на Србија, Зорана Михајловиќ, изјави дека протестите организирани денеска во Тирана по повод посетата на претседателот на Србија и иницијативата Отворен Балкан покажуваат дека сè уште има политички сили во регионот кои гледаат корист од обидот за враќање на регионот во минатото, јави дописникот на МИА од Белград.

– Целите на иницијативата „Отворен Балкан“, што ја покрена српскиот претседател Александар Вучиќ, заедно со премиерите на Албанија и Северна Македонија, се поврзување, побрз економски развој и подобар живот за луѓето кои живеат на овие простори. Противењето на оваа иницијатива директно се спротивставува на интересите на граѓаните од целиот регион, кои пред сè сакаат мир, стабилност и подобар живот. Тоа не се постигнува со кревање тензии, туку со решавање на проблемите со дијалог и соработка за оние прашања каде што имаме најмногу заеднички интереси, а тоа се инвестициите и инфраструктурните поврзувања. Во таа смисла, Отворен Балкан е иницијатива за подобра иднина на регионот, а екстремистичките реакции на него се обид да се врати регионот во минатото, изјави во соопштението за јавност српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ.