Македонската поетеса и писателка Јулијана Величковска настапи на отворањето на 13. Меѓународен истанбулски фестивал за поезија и литература, што се одржува од 20 до 25 декември на бројни локации во Истанбул, Турција.

На фестивалот учествуваат поети, прозаисти и музичари и од Германија, Турција, Грузија, Палестина, Ирак и Азербејџан.

Фестивалот е во организација на Министерството за култура на Република Турција и на Здружението за поезија од Истанбул, а директор на фестивалот е познатиот турски поет Аднан Озер.

Јулијана Величковска е автор на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ), стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации), романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, ПНВ Публикации) и на дваесетина книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик.

Нејзините песни се препеани и објавени на седумнаесет светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во земјава, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија, како и во две антологии на куси раскази, објавени во земјава.

Таа е член на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје и коосновач е на „Скопскиот поетски фестивал“.