„Молитва до Богородица“ дел од филмот „Пресвета Богородица – заштитничка на Скопје” и рускиот документарен филм „Чудата на блажена Ксенија“ вечер ќе бидат прикажани на меѓународниот филмски фестивал „Богородичен покров“.
„Пресвета Богородица – заштитничка на Скопје” во режија на Зорица Костовска и Коле Јовановски ја следи изградбата на храмот „Рождество на Пресвета Богородица” во Скопје, од поставувањето на темелите до неговото осветување. Во овој инсерт е молитвата до Богородица и претставување на поголем број од нејзините икони.
Сценариото е на Зорица Костовска, камера Драги Таневски, монтажа Коле Јовановски, во продукција на TOP WORLD. Проекцијата е закажана за 21 часот.
„Чудата на блажена Ксенија“ е 66-минутен руски документарен филм во режија на А. В. Драницина, а продуцент е Вјачеслав Заренков.
– Петербург во 18 век изгледал сосема поинаку од денес. Покрај огромните палати и градини биле дрвени колиби. Во зимските ноќи се слушало како волците вијат. На една од улиците се населиле военото лице Андреј Фјодорович и неговата жена Ксенија блажена. Тие сонуваат за потомство и среќен живот, но нејзиниот маж починува и тука почнува историјата на Ксенија блажена…, стои во најавата за документарниот филк, чија проекција е во 21 часот.
Филмот е прикажан во Русија на фестивалот „Встреча“, на фестивалот „Креативни средби“ на Кипар, а на фестивалот „Свети Владимир“ во Русија ја добива третата награда. Првпат се прикажува на „Богородичен покров“ на македонски јазик.