Излезе од печат новогодишното издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, посветено на темата партнерства за развој и позитивни промени.

Од тимот на „Лице в лице“ соопштија дека поетите Ана Голејшка Џикова и Горазд Кени изминативе денови се приклучија во акцијата „Лице в лице предизвик“, преку која на граѓаните, заедно со продавачите им го понудија најновото новогодишно издание, и тоа на фреквентните места низ Градскиот парк, плоштадот, Дебар Маало, Лептокарија.

– Откровение е да продавате „Лице в лице“ во токму таква релација, лице в лице. Тоа не е само продажба, туку размена на енергија. Продавав со Неџат, кој ме освои „на прва“, отворен, комуникативен, скромен. Сфатив колку е предизвикувачки да сте постојано на терен, да сте љубезни, да внимавате на пристапот, но и истовремено да не губите мотив кога луѓето нема да купат примерок. Одличен сончев ден, полн со впечатоци и заокруен како што доликува на двајца поети/перформери – со фристајл рап, во кој ни се придружија и продавачите. Беше забавно и срцегреачко! Секој треба да „влезе во чевлите“ на еден уличен продавач за да ја види целосната слика, сподели Ана Голејшка Џикова, поддржувач на платформата за одржлив развој, „Лице в лице“.

Извршната директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ – издавач на „Лице в лице“, Климентина Илијевски посочи дека општествените системи треба да обезбедат соодветни одговори на тековната криза и транзиција кон новата улога на бизнис-секторот во создавањето одржлива економија.

– Ништо по пандемијата на КОВИД-19 нема да биде исто. Годинава ја заокружуваме со екстремна сиромаштија кај околу 150 милиони луѓе на глобално ниво, па затоа тенденцијата е реосмислување на капитализмот, но и реосмислување на општествените системи, кои мора да се развиваат за да се соочат со последиците од претходните технолошки револуции што создадоа длабока нееднаквост и штета за животната средина. Во согласност со ова, целта и на петтата револуција е воспоставување нова, генеративна симбиоза меѓу развојот на човештвото и поширокиот еколошки и економски систем, додаде Илијевски.

Таа посочува дека подобри општества се можни само преку градење партнерства. Насловната страница на новогодишното издание на „Лице в лице“ е на фотографот Томислав Георгиев, а на кавер страницата за рубриката „И јас читам Лице в лице“, се наоѓа режисерката и сценаристка, Дина Дума, чиј филм „Сестри“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар меѓународен филм за 2022 година.