Премиерот на Бугарија Кирил Петков заедно со семејството присуствуваше на празничната богослужба за Бадник во патријаршиската црква-споменик „Свети Александар Невски“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на крајот од богослужбата премиерот Петков влезе во светиот олтар каде му посвети внимание на поглаварот на Бугарската православна црква, честитајќи му ги претстојните Божиќни празници. Двајцата посакаа заедно Црквата и владата да работат рамо до рамо за да водат политика која е најдобра за бугарскиот народ.

Кирил Петков му рекол на бугарскиот патријарх Неофит дека неговиот дедо бил во одборот на доверители на црквата Свети Седмочисленици во Софија и секој ден одел во црква. Премиерот на Бугарија им го честиташе претстојниот Божиќ на сите бугарски граѓани и повика да размислиме што можеме заедно да направиме Бугарија да биде подобро место.