Слободно, без посебни рестриктивни мерки, без карантин и полициски час за разлика од лани, но со селф тестови, задолжителна маска, без јавни празнични манифестации и со значително поскапи цени, Грците ќе ги поминат божиќните и новогодишните празници, јави дописничката на МИА од Атина.
Актуелните мерки остануваат непроменети и рестрикциите во главно се однесуваат на невакцинираните лица, за кои е забранет влез во речиси сите затворени објекти, а иако се споменуваше воведување задолжителен рапид тест за прослава на празниците во баровите и ноќните клубови, сепак грчката Влада одлучи тестирањето да го остави на самите граѓани, преку два бесплатни селф тестови, односно тестови за домашна употреба.
Во последен момент пред Божиќ, Владата воведе мерки, но се однесуваат на задолжителната маска и на отворено и на затворено, а не само во затворените простори како што беше случај досега, како и на откажувањето на сите јавни божиќни и новогодишни манифестации.
Уште пред да биде донесена официјалната одлука, општина Атина, поради пандемијата и зголемениот број случаи на Ковид-19 одлучи да ја откаже божиќната манифестација „Ноќ на желбите” што требаше вчера да се одржи пред општинската зграда, а настанот да биде отворен за граѓаните.
Центарот на Атина во претпразнична атмосфера
Атина оваа година беше украсена порано од вообичаеното, повеќе од еден месец пред Божиќ и Нова година, на плоштадот Синтагма е поставена новогодишна елка висока 19 метри осветлена од над 60.000 разнобојни сијалички во вкупна должина од пет километри, а украсен е и целиот простор околу плоштадот пред грчкиот Парламент со 350.000 сијалици во должина од 29,5 километри.
За разлика од лани, кога за божиќните и новогодишните празници земјата беше во строг карантин, со полициски час, затворени продавници и угостителски објекти и задолжително испраќање смс пораки за секое излегување од дома, сега празничната атмосфера во центарот на градот потсетува на периодот пред пандемијата.
Во изминатите денови, како што пишува дописничката на МИА од Атина, зголемена беше раздвиженоста на граѓаните, не само по централните улици, туку и во другите атински населби.
Некои во шопинг во последен момент, други во потрага по подароци за најблиските, трети едноставно на прошетка.
Најпознатата трговска улица „Ерму”, беше полна со луѓе, некои со маски, некои без, некои само ги разгледуваа излозите, други трпеливо чекаа во редица за да влезат во некоја од продавниците.
Задолжителната проверка на документот за Ковид-19, преку скенирање на потврдите или сертификатите, како и проверка на личните податоци, преку документ за идентификација, создаваат дополнителни гужви пред продавниците, но тоа не им пречи на граѓаните, како што велат за МИА, бидејќи за нив, најважно е да го пронајдат вистинскиот подарок за нивните најблиски.
Празничната трпеза поскапа во споредба со лани и претходните години
Повисоките цени на основните продукти, резултираа оваа година, празничната трпеза да биде поскапа во споредба со лани, но и во споредба со претходните години, поскапување што се движи од пет до 18,5 отсто, според истражувањата на Институтот за трговија и услуги на грчката конфедерација за трговија и претприемништво и на Институтот за истражување на малопродажбата во Грција.
Податоците на Институтот за трговија и услуги на грчката конфедерација за трговија покажуваат дека трошоците за божиќната трпеза за шест до осум лица се движи од 82,56 до 113,90 евра, односно од 9,3 до 18,5 отсто повеќе во однос на 2020 година.
Истражувањето било направено како во супермаркетите, така и во помалите продавници, но и на пазарот за месо во Атина.
Според Институтот за истражување на малопродажбата во Грција, во просек 86,18 евра треба да одвои едно семејство за набавка на продукти од супермаркетите за празничната трпеза, износ што е за пет отсто повисок од минатата година.
Лани, Грците поминаа поинакви празници, со оглед на тоа што земјата беше во целосен карантин, со полициски час, затворени продавници, ресторани, кафулиња и со задолжително испраќање смс пораки за секое излегување надвор.