Косовскиот премиер и лидер на партијата Движење самоопределување (ВВ) Албин Курти ги обвини претходните власти за тешката состојба во која се наоѓа земјата, вклучително и актуелната криза со снабдување со електрична енергија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во своето обраќање на Генералното собрание на ВВ, Курти рече дека кога ја презеде власта, во февруари минатата година, затекнал „држава срамнета со земјата која крвареше на сите страни и беше целосно неподготвена за предизвиците на 21-от век“.

– Победата од 14 февруари, повеќе одошто потребна, беше неопходна за да се спаси државата. Она што го затекнавме беше на многу места полошо одошто мислевме. Една држава срамнета со земјата која крвареше на сите страни и беше целосно неподготвена за предизвиците на 21-от век, истакна Курти.

Тој рече дека ја разбира фрустрацијата на граѓаните и дека и самиот е фрустриран поради недостатокот на електрична енергија, но порача дека „тоа треба да служи како потсетување на состојбата во која ја оставија државата претходните влади“.

Во текот на 2022 година, рече Курти, Владата ќе изготви предлог за долгорочно решавање на проблемот со електрична енергија и најави инвестирање во обновлива енергија секоја наредна година.

Косовскиот премиер се осврна и на справувањето со пандемијата и вакцинирањето на неселението.

– На врвот од тие проблеми годинава ја имавме постојаната борба со пандемијата на Ковид-19 и еден масовен потфат, каков што е вакинирањето на населението, изјави Курти, нагласувајќи дека неговата Влада го исполнила ветувањето за вакцинирање на 60 отсто од граѓаните кои можат да се вакцинираат.