Во саботата, на 25 декември, за првпат се одржа хуманитарен настан „Најмладите за Аеродром“ во организација на Општина Аеродром на кој учество земаа ѕвездите од македонската музичка сцена Таско, Лина Пејовска, Next time, ДНК, Sarah Mace and The Christmas Girls, а најмалите дечиња се забавуваа и со магионичарско шоу и „Светот на Биби“.

Во рамките на овој настан беше организиран и новогодишен базар, на кој посетителите имаа можност да купат новогодишни честитки и рачни изработки на децата од градинките и учениците од прво до петто одделение во основните училишта од Општина Аеродром, а средствата собрани од оваа акција, Општина Аеродром одлучи да ги донира за лекување на Венко Атанасовски кој има 24 години и кој боледува од карцином.

-Новогодишната еуфорија треба да нè потсети дека помош треба да им дадеме на оние на кои им е најпотребна. Воедно ги повикувам сите кои се во можност да донираат колку што можат на телефонските броеви 143 153 и 143 480 или преку денарска уплата на НЛБ Банка Жиро Сметка 210-700000670406 за да му помогнеме на Венко во борбата со оваа болест- изјави градоначалникот Тимчо Муцунски.

Општина Аеродром упатува благодарност до општествено-одговорните компании кои се вклучија во настанот „Најмладите за Аеродром“, Рамстор, DoubleTree by Hilton, Capitol Mall, Ватростална, Кара5 како и МПЦ-ОА (Скопска Епархија) и кои донираа пакети со храна и пакетчиња за деца. Во рамките на хуманитарната акција свој придонес зема и иницијативата #ИЈасСумДете# на Кристијан Станковски-Бомбакис преку која се обезбедија многу пакетчиња за дечињата. Во следните денови, тимови од Општина Аеродром ќе ги посетат домовите на најранливите категории и соодветно ќе им ги достават пакети со храна и пакетчиња за децата.

Настанот „Најмладите за Аеродром“ докажа дека хуманоста и човечноста треба секогаш да бидат на прво место.