Бројот на новозаразени во Грција денеска се очекува да надмине 15.000 лица, според министерот за здравство Танос Плеврис, кој говорејќи за грчките медиуми ја остави отворена можноста, новите мерки најавени за в понеделник да стапат во сила порано, пред Нова година, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуата за телевизија ЕРТ и радиото „Скај”, Плеврис објасни дека со оглед на тоа што варијантата Омикрон веќе доминира во Грција, треба сите да се подготвени на високи дневни бројки, но без да се создава паника, бидејќи новите случаи, засега не создаваат притисок врз здравствениот систем.

Тој додаде дека според денешните утрински податоци, новите случаи се над 15.000 од околу 550.000 тестирани, за разлика од вчера кога беа регистрирани нешто помалку од 9.500 новозаразени од 100.000 тестирања.

– Од вчера порастот на нови случаи во Атика е за 370 отсто, а во целата држава околу 150 проценти и ова е целосна карактеристика на доминација на Омикрон, нагласи Плеврис за радиото „Скај”.

Надлежната комисија на епидемиолози утре ќе има состанок за да ја разгледа ситуацијата и според министерот, Владата ја очекува препораката дали мерките соопштени вчера ќе се спроведат порано.

– Сакаме и се обидуваме мерките да се спроведат од 3 јануари. Но, зголемувањето на случаите што ги гледаме денеска, доколку продолжи и утре, очигледно ќе биде предмет на оцена од комисијата, секако во комбинација со притисокот што ќе го предизвика овој период од три или четири дена врз националниот здравствен систем. Значи, сите можности се отворени за повторно разгледување, врз основа на текот на пандемијата, објасни министерот за здравство на Грција, говорејќи за ЕРТ.

Новите мерки кои вчера ги соопшти Плеврис, планирани да стапат во сила од следниот понеделник, на 3 јануари, како што веќе објави МИА, предвидуваат угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично да затвораат на полноќ, дозволено ќе биде до шест лица на една маса, а забрането е стоење, до 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор ќе работат од дома, а спортски натпревари ќе бидат со 10 отсто публика или најмногу 1.000 лица.

Маската со висока заштита КН95, освен за супермаркетите и јавниот превоз, каде што е веќе задолжителна од петокот, ќе биде обврзна и за вработените во угостителскиот сектор.

Дневните податоци поврзани со Ковид-19, Националната организација за јавно здравје на Грција ги објавува околу 18 часот по локално време, кога се очекува и да биде познат точниот бројот новозаразени случаи во изминатите 24 часа, што сигурно ќе биде рекорден за земјата од почетокот на пандемијата.