Човекот кој денеска се закануваше дека ќе активира експлозив пред филијала на НЛБ банка во Бар, се предаде на полицијата, соопштија црногорските власти.

Полицијата соопшти дека мажот, кој го блокираше влезот во банката од рано изутрина, се предал по долги преговори.

Полицијата во Бар утринава ги евакуираше вработените од околните канцеларии и станарите од зградата во која се наоѓа банката поради заканата на 36-годишниот Един Бегзиќ дека ќе активира експлозив.

Бегзиќ утрово залепи натпис „Вратете ги парите што ги украдовте од работниците на Приморка“ и најави дека вооружен ќе ја држи банката под контрола сè додека не се вратат парите на работниците.

Во видеото што претходно го објави на Јутјуб, Бегзиќ рече дека кај себе имал панцир, маска за солзавец од молотов коктел, пиштол со куршуми и две рачно изработени експлозивни направи на далечински управувач.

„Оваа банка со помош на државата и нејзините институции украде пари од чесните и сиромашни луѓе и работници на компанијата ‘Приморка’ од Бар уште во 2010 година“, вели Бегзиќ во видеото во кое се претставува како син на еден од поранешните работници на „Приморка“.

Во видеото тој им се обраќа на премиерот Здравко Кривокапиќ, на вицепремиерот Дритан Абазовиќ и на претседателот на Собранието Алекса Бечиќ, барајќи од директорите на НЛБ банка да им ги исплатат парите на поранешните работници со камата што им следува.

„Меѓу работниците се татко ми и мајка ми. Подготвен сум да се борам за нив и уште повеќе да го дадам животот за нив“, вели Бегзиќ.

Компанијата „Приморка“ своевремено беше еден од предводниците во развојот на Општина Бар.

Во транзициските години работниците останаа без работа со неисплатени плати и социјални надоместоци. На 1 јули 2010 година, Владата на Црна Гора издаде гаранции од четири милиони евра за заем од 14,4 милиони евра за компанијата „Мелгонија Приморка“. За кредитот е заложен целиот имот на компанијата.