Во Домот на култура во Ростуше се одржа промоција на збирката детски творби на учениците од ОУ ,,Јосип Броз – Тито‘‘ од Жировница, насловена „Жуборења од Радика“.

Промоцијата започна со рецитирање на стихови од великанот Блаже Конески, во чест на одбележувањето 100 години од неговото раѓање, по што обраќања имаа и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, директорот на ОУ „Јосип Броз Тито“, Анес Ахмети и уредникот на „Жуборења од Радика“, Рамазан Раманоски. Водител на настанот беше младата поетеса Сара Марковска, а промотори писателот Влатко Стојковски и м-р Даринка Веслиевска.

Како што беше истакната на промоцијата збирката има за цел афирмација на млади таленти, негување на македонскиот јазик и зајакнување на меѓуетничкиот дијалог на младите во државава, бидејќи во неа има песни и од ученици на ОУ ,,Браќа Миладиновци‘‘ од Жван во Општина Демир Хисар.

Во збиркава може да се најдат повеќе мотиви, меѓу кои социјални, родољубиви, патриотски, пејзажни, печалбарски и песни каде се величат великани како Конески, Рацин, Климент, Наум.

Од ОУ ,,Јосип Броз Тито‘‘ од Жировница посочуваат дека се горди на своите ученици и на овој проект затоа што, само со негување на вистинските вредности и трасирајќи им вакви патишта на младите, може да се добијат квалитетни ученици кои ќе се носат рамо до рамо со останатите ученици ширум светот.