Црногорската влада денеска ги заостри мерките за сузбивање на ширењето на пандемијата со коронавирусот, откако вчера за 24 часа беше забележан рекорден број заразени – од 2 јануари влезот во Црна Гора без разлика дали некој бил вакциниран или прележал корона мора да има негативен PCR тест не постар од 72 часа или брз антиген не постар од 48 часа.
Мерките ќе важат до 12 јануари.
Црногорските државјани и странците можат да влезат на сите гранични премини со еден од двата докази од потврдата: дека лицето е целосно вакцинирано со пропишаниот број дози на вакцина против коронавирус и дека не поминале повеќе од шест месеци од втората доза на вакцина или дека лицето прележало Ковид-19.
Во двата случаја, лицето мора да има или негативен PCR тест што не е постар од 72 часа или брз антиген кој не е постар од 48 часа. Тоа значи дека веќе не може да се влезе во Црна Гора само со негативен тест.
Граѓаните на Црна Гора и странците со привремен престој можат да влезат во земјата без овој доказ, но со самоизолација од 10 дена, која може да се прекине најрано три дена по негативниот ПЦР тест.
Од утре се воведуваат и други мерки кои ќе важат до 12 јануари.
Според новите мерки, работното време на рестораните, кафулињата, другите угостителски објекти и хотелите од 31 декември до 1 јануари е ограничено на 1 час по полноќ со поседување ковид-потврда. Во текот на сите останати денови до 12 јануари, работното време на сите угостителски објекти со поседување на потврда за ковид е ограничено до 22 часот, со напомена дека во целото работно време целосно е забрането изведување и емитување музика во живо и од звучници. Забранети се свадби, родендени, забави, музички фестивали и други приватни прослави. Забранети се собири на населението на затворени јавни места (јавни настани, политички собири, стручни, научни и други собири), освен за потребите на вршење на работи и службени работи, по почитување на основните мерки.
Министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ рече дека предлогот на стручните лица бил порестриктивен од мерките што биле донесени.