Обвинителството на БиХ денеска поднесе обвинение за воени злосторства против девет поранешни припадници на војската на босанските Срби, кои се обвинети за убиство на повеќе од 100 Бошњаци од подрачјето на источна Херцеговина.
Обвинетите се поранешни членови на т.н Невесинска бригада на војската на босанските Срби и нејзините команданти кои во летото 1992 година заробија и егзекутираа најмалку 100 Бошњаци од областа Зијемље помеѓу Мостар и Невесиње.
Меѓу жртвите имало и десетици жени, постари лица и деца. Најмладата жртва беше бебе кое во моментот кога беше погубено имало само 15 дена, а најстарото дете имало две години, пренесува Хина.
Убиени се речиси сите членови на семејствата Плоскиќ, Шипковиќ, Аличиќ, Алибашиќ, Махиниќ, Брајевиќ, Чопељ. По војната беа пронајдени посмртните останки на 49 жртви, а по телата на 47 убиени се уште се трага.
За време на судењето за едно од најтешките индивидуални воени злосторства во БиХ, обвинителството планира да испита 88 сведоци.
Обвинети се Здравко Кандиќ (64), Горан Дошло (55), Милан Трифковиќ (55), Синиша Кандиќ (51), Драгослав Аќимовиќ (51), Младен Кандиќ (59) и Дамир Антељ (55), сите од Мостар и Драган Ѓурѓиќ (51) од Добој и Драган Иванишевиќ (58) од Невесиње