За време на своето претседавање со Советот на ЕУ, Словенија успеа повторно да го воведе терминот „перспектива за членство” во документите, наместо обична „европска перспектива” за државите од Балканот и европското источно соседство, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша.
– Еден од стратешките успеси е што го вративме проширувањето на маса како еден од клучните стратешки проекти на ЕУ. Но, тоа бараше многу дискусии, изјави Јанша во интервју за Словенечката телевизија.
– Во овие дебати многупати сум кажал дека по сѐ што доживеавме на исток и она што го видовме на Балканот во последните децении, треба да биде јасно дека ЕУ мора да се прошири, што го проширува просторот на слобода и просперитет. Треба да се ослободиме од илузијата дека работите ќе се решат сами, а ако не се прошири ЕУ, тогаш ќе се прошири некој друг, рече Јанша.
Тој додаде дека со тоа на состаноци во Брисел успеал повторно да ја воведе „перспектива за членство” во документите на Европската унија наместо „европска перспектива” на европските земји надвор од ЕУ, на што тој тврди дека се спротивставиле и некои од старите членки, основачи на ЕУ.
– Посебно има многу опортунизам кога станува збор за Западен Балкан, додаде Јанша.
– Еден од европските лидери, нема да му го кажам името, дури и во дебатата рече: зошто да ги внесеме во Европската унија, кога вака ни се толку евтини како работна сила, рече Јанша, додавајќи дека и во некои стари членки преовладува тесноградост или „националистички интереси” што преовладуваат над визијата за слободна, мирна и обединета Европа.
– Европскиот проект се уште не е завршен, а многу земји кои сакаат да станат членки на Европската унија се уште не се слободни. Тој проект треба да продолжи, а проширувањето е негов суштински елемент, изјави Јанша во интервјуто за Словенечката телевизија.