Жителите на Балканот, втора година по ред, поради пандемијата на коронавирусот и ширењето на новиот сој Омикрон ќе ја дочекаат Новата 2022 година без масовни прослави на отворено, забави и огномети.
Во Романија нема да има организирана плослава на плоштадот, а жителите ќе можат да ја дочекаат Новата година речиси без ограничувања. Ноќниот карантин, кој го ограничуваше движењето на невакцинираните лица во периодот од 22 до 5 часот, беше укинат на почетокот на декември.
На новогодишната ноќ рестораните ќе можат да работат цела ноќ, со пополнетост до 50 отсто од својот капацитет. Од гостите се бара да приложат потврда за вакцинација, прележаност или негативен тест. Нема ограничување за бројот на луѓе кои можат да се соберат на отворено. Единствениот услов е да носат заштитни маски.
Црна Гора воведе нови мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, ограничувајќи го работното време на објектите до 22 часот. Новите мерки ќе бидат во сила од 30 декември до 12 јануари. Исклучок ќе биде работата на објектите за новогодишната ноќ, кога ќе можат да останат отворени до 1 часот по полноќ.
Словенија, исто така, ги забрани новогодишните прослави на отворено, но дозволи рестораните и баровите да работат до раните утрински часови на 1 јануари. Сепак, клиентите ќе треба да имаат Ковид-пропусница и негативен тест.
Словенечката влада одобри рамка на антиепидемиски мерки за божиќните и новогодишните празници, со значително помалку ограничувања од минатата година. Годинава во црквите ќе има полноќна литургија на која ќе можат да присуствуваат само лица кои се вакцинирани, прележани или со негативен тест.
Властите во Хрватска и Република Северна Македонија рекоа дека не планираат да ги заострат мерките за одмор за време на празниците, иако и двете земји веќе потврдија случаи на позаразната варијанта Омикрон.
За разлика од другите земји каде што беше воведено ново затворање пред празниците, Хрватска се надева дека почитувањето на постоечките мерки – растојание, маски итн. – ќе биде доволно за да се одржи ситуацијата под контрола. Новогодишните прослави на главниот плоштад во Загреб не се откажани, но за присуство ќе бидат потребни Ковид сертификати.
Здравствените власти во Северна Македонија, пак, соопштија дека не планираат дополнителни ограничувања, бидејќи бројот на активни случаи останува релативно мал. Новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, ги откажа планираните прослави во главниот град, велејќи дека сака поскромна новогодишна церемонија оваа година.
Во Србија, исто така, нема да бидат откажани новогодишните прослави на отворено, и покрај стравувањата од ширење на варијантата Омикрон. Во Белград секојдневно се организираат различни програми, вклучително и настани за деца, пишува веб-страницата Balkan Insight. Концерти со народна музика беа закажани за 29, 30 и 31 декември во центарот на градот пред зградата на Собранието, каде ќе има и огномет.
Во Грција традиционалното пиротехничко шоу на Акропол годинава нема да се одржи. Министерот за здравство Танос Плеврис објави дека сите собири за празниците, без разлика дали се јавни или приватни, се откажани. Се враќа задолжителното носење маски и на отворено и на затворено. Земјата дури нареди употреба на две маски или маски со висок степен на заштита во јавниот транспорт и супермаркетите.
Во Турција нема дополнителни забрани или ограничувања за новогодишните празници. Ова важи и за Истанбул, традиционалниот центар на новогодишните прослави, рече раководителот на дирекцијата за здравство, Кемал Мемишоглу. Тоа значи дека на новогодишните собири ќе важат сегашните правила и мерки за спречување на коронавирусот.
Турција се надева на привлекување многу посетители од странство за празникот, искористувајќи ги забраните за прослави во други земји, вклучително и нејзиниот регионален туристички ривал, Грција.
Република Кипар ги заостри здравствените мерки пред Нова година, а од денеска за прием во ноќни клубови и дискотеки, како и за свадби, покрај потврдата за вакцинација, потребно е да се направи и брз тест 24 часа порано. Заштитната маска е задолжителна насекаде.