Во Берово се одржа последната седница на Советот за 2021 година на која со осум гласа „за“ и седум воздржани советници беше усвоен општинскиот Буџет за 2022 година. Вкупниот буџет на општина Берово е проектиран на сума од 312,6 милиони денари, а при неговото изготвување му претходеа средби со граѓани, со НВО, онлајн пријави на предлози и истакнување на приоритетите и потребите на граѓаните.
-Во рамките на процесот на изготвување на Буџетот на Општина Берово за 2022 година, земани се предвид истакнатите проблеми на граѓаните, кои беа доставени по објавен повик, по приоритет. Буџетот е изготвен, водејќи се од начелото на почитување на принципот на буџетска дисциплина и транспарентност и може да се каже дека Буџетот на Општина Берово за 2022 година е развоен. Содржи реализација на капитални проекти, инфраструктурни проекти, проекти од областа на спортот и културата, социјална заштита, туризам, локален економски развој, енергетска ефикасност, животна средина и противпожарна заштита, беше истакнато на седницата.
Од вкупно 312,6 милиони денари кои се тековно-оперативни расходи, 80 проценти или 250,8 милиони денари се капитални расходи.
Според градоначалникот Звонко Пекевски, Буџетот на Општина Берово е развоен и смета дека во 2022 година ќе бидат реализирани многу проекти за поубаво Берово.
-Буџетот ги содржи сите компоненти, предвидени во Програмите од одделенијата, секако дека ние и понатаму ќе аплицираме на отворените повици од повисоко ниво на власт и како што ќе ги добиваме трансферите ќе го прошируваме Буџетот, истакна Пекевски.
Поради отсуство на претседателот на Советот, на претходната седница Буџетот не беше усвоен, а во рамки на денешната нова седница за усвојувањето на Буџетот гласаа осум советници од СДСМ, додека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со своите седум советници гласаа воздржано.