Делчевчани имаа мирна новогодишна ноќ без поголеми гужви по угостителските објекти, кои во поголем дел не работеа за време на Дочекот на Нова година. Освен поединечната употреба на пиротехнички средства која била најавена, од полицијата информираа дека не се регистрирани нарушувања на Јавниот ред и мир, додека од Итната медицинска помош посочија дека интервенции во делот на пијанства кај помлади лица биле ретки. Единствено двете дежурни служби имале интервенција час и половина пред полноќ кога поради спобраќајна несреќа на патот Делчево – Пехчево, помеѓу селата Град и Стамер се превртело возило и притоа еден патник бил лесно повреден.

Претходно во пресрет на дочекот на новата година, градоначалникот на Делчево Горан Трајковски ги посети службите кои дежураат за новогодишната ноќ која освен за ОВР Делчево беше работна и за Итната медицинска служба, Територијалната против пожарна единица и Царинската испостава на Граничен премин. Посетата на која присуствуваше и претседателот на Советот, Гоце Попов се искористи, за да се воочи подготвеноста на службите, условите во кои работат и предизвиците во работата. Традиционално, градоначалникот Трајковски им подари пригодни подароци кои се во насока на подобрување на условите за работа.

-Посебна чест претставува вечерва, на новогодишната ноќ да си со вработените кои се на своите работни места за време на новогодишната ноќ. Нивната улога во функционирањето на системот, посебно кога станува збор за безбедноста и здравјето на граѓаните, е непроценливо и Делчево се гордее со овие вработени. Затоа, по традиција и оваа година ги посетивме Итната медицинска служба, ТППЕ Делчево, Полициската станица, како и за Царинската испостава на Граничен премин Делчево, рече Трајковски.

Во знак на благодарност и за нивниот посебен придонес во зачувување на здравјето, безбедноста и имотот на граѓаните им додели пригодни подароци кои се во насока на подобрување на условите за работа. Посака да имаат мирна новогодишна ноќ, а наредната 2022, да им донесе лична среќна, многу здравје и бериќет и успех на професионален план.