Пожари, Ковид-19, реконструкции на Влада, намалена тензија во грчко- турските односи, јубилејни 200 години од востанието, грчкото #metoo, туризмот, беа главните теми во Грција во изминатата година, но несомнено пандемијата го монополизираше вниманието како на јавноста, така и на државниот врв, анализира дописничката на МИА од Атина.
Летото 2020 беше и едно од најтешките за Грција во изминатите години со оглед на тоа дека земјата се соочи со несвојствено високите температури и со над 580 пожари на целата територија за само една седмица, загинаа три лица, изгореа илјадници хектари шума, уништени беа домови, а жителите превентивно се евакуираа.
-Се соочуваме со природна катастрофа од невидени размери: за неколку дена, избија 586 пожари избија во сите делови на Грција. Пожари, кои поради досега невидената жештина и повеќемесечната суша, многу тешко се гаснат, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој се извини за евентуалните пропусти.
Најсериозни беа пожарите во близина на Атина и на островот Евија, каде што со денови, противпожарната служба се обидуваше да се справи со огнените јазици и да спречи дополнително ширење и на онака големиот пожар.
-Ги имавме најголемите пожари во последните најмалку 15 години со речиси 100 истовремени пожари секој ден, истакна Мицотакис на специјалната прес конференција со грчките новинари и странските дописници за катастрофалните пожари што ја зафатија земјата, истакнувајќи дека беа спасени илјадници човечки животи.
За справување со пожарите, Грција доби голема меѓународна помош, од над 20 земји пристигнаа вкупно 1.268 пожарникари, 250 возила и 21 воздушно средство.
Додека голем дел на Грција гореше, ватерполо репрезентацијата го освои второ место на летната Олимпијада во Токио и соопшти дека половина од наградата што ќе ја добијат од грчкиот бизнисмен и претседател на ФК Олимпијакос Вангелис Маринакис, ватерполистите ќе ја дадат за погодените од пожарите.
И додека во текот на летото беа регистрирани историско високи температури, во текот на зимата, Атина беше под снежна покривка по пауза од 13 години.
Снегот, иако не надмина 20 до 30 сантиметри, сепак ја парализираше грчката метропола, сообраќајот се одвиваше со потешкотии, затворен беше автопатот, бродовите останаа закотвени на пристаништата, а над 20 атински населби останаа без струја, дел беа без вода, телефон и интернет.
Плоштадот Синтагма, Акропол, грчкиот Парламент беа под снежна покривка, а грчката полиција, на бројот за итни случаи примила рекордни 26.000 повици, три до четири пати повеќе од обично.
Обилните дождови, од друга страна, неколку пати во текот на изминатата година предизвикаа големи поплави, а со оглед на тоа дека Грција е сеизмичка област беа регистрирани и неколку силни земјотреси со јачина од над шест степени.
Првиот беше во март во близина на градот Лариса со јачина од 6,3 степени, по што следеа уште неколку силни потреси, со предизвикана материјална штета, но без загуба на животи.
Со иста јачина беше и земјотресот на Крит во октомври, каде што едно лице го загуби животот.
Мирно лето во грчко- турските односи, Дендиас и Чавушоглу одржаа прес конференција за паметење
Наспроти 2020 година кога кулминираа тензиите меѓу Грција и Турција и особено беа заострени односите меѓу двете земји, посебно во текот на летниот период, 2021 година помина релативно мирно, со мирно лето за кое се согласија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на нивната средба кон средината на јуни во Брисел.
Двајцата лидери биле согласни дека и покрај дијаметрално спротивните позиции на двете земји за различни теми, во 2021 година не треба да се повтори тензијата од 2020 година, но и дека е позитивен фактот што имаат директен контакт и што се активирани сите постоечки канали на комуникација.
Министрите за надворешни работи на Грција и Турција, Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу се сретнаа два пати, на средината на април во Анкара и на крајот на мај во Атина.
По средбата во Анкара следеше и заедничка прес конференција на двајцата министри, која во еден момент се претвори во „ринг“ за размена на остри критики и меѓусебни обвинувања.
Прес конференцијата на двајцата шефови на дипломатиите доби невообичаен тек, откако по завршувањето на изјавата на Дендиас, наместо да заминат на предвидената работна вечера, Чавушоглу зеде збор, велејќи дека тој во неговиот говор немал ништо провокативно или негативно за Грција и го обвини неговиот грчки колега за „провокативни изјави“.
По што следеше одговор од Дендиас, па нов одговор од Чавушоглу и уште еден од Дендиас и трет од Чавушогли, а сето за време на прес конференцијата што се пренесуваше во живо.
Размената на аргументи, различни позиции и ставови, но и обвинувања, беше за повеќе теми, како што се прекршување на меѓународното и морското право, мигрантското прашање, малцинството во Грција, Европската Унија, демилитаризација на грчките острови.
-Ако продолжиме вака ќе го испуштиме Ифтар, му рече Чавушоглу на Дендиас.
-Се надевам дека нашите несогласувања не те натераа да ја откажеш поканата за вечера, бидејќи многу сум гладен, му одговори Дендиас.
И покрај тензичната клима што ненадејно се создаде, двајцата министри кои се познаваат над 15 години, со насмевки на лицата заминаа на вечерата за Ифтар.
Следната нивна средба и прес конференцијата во Атина помина регуларно, а Дендиас и Чавушоглу изразија подготвеност да соработуваат.
На почетокот на годината, по пауза од речиси пет години, во Истанбул се одржа 61-от круг прелиминарни контакти меѓу Грција и Турција, а во текот на годината следеа уште два круга.
Прелиминарните контакти не се преговори, туку неформални доверливи контакти, нема обврзувања меѓу двете страни, нема договорен записник, не присуствува трета страна и нема информирање за содржината на разговорите.
Во надворешната политика, Грција потпиша договори со САД и Франција, Атина ја посетија папата Франциск, тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, а претседателот на Кипар Никос Анастасиадис, принцот Чарлс и војвотката Камила, премиерот на Русија Михаил Мишустин и министерката за одбрана на Франција Флоренс Парли, присуствуваа на парадата по повод јубилејните 200 години од почетокот на востанието за независноста на земјата.
Иако беше поканет и францускиот претседател, Емануел Макрон, поради ситуацијата со пандемијата и воведениот карантин во Париз, ја откажа посетата на Атина.
Поради пандемијата и карантинот, традиционалната воена парада на 25 март се одржа без публика, под драконски безбедносни мерки, под здравствени протоколи и со ограничен број претставници на медиумите.
Воини на коњи, припадниците на претседателската гарда, т.н Евзони, единици на армијата и воената морнарица, тенкови, пешадија, нуркачки единици, учествуваа на воената парада, а на атинското небо, летаа американски, грчки и француски воени авиони и хеликоптери.
Пред парадата, видео порака и честитка до Грција, упатија претседателите на САД и Франција, Џо Бајден и Емануел Макрон.
Мицотакис лани направи три реконструкции на неговата Влада, првата на почетокот на годината со направени промени во неколку Министерства и промена на позицијата владин портпарол, втората на средината на август – мини реконструкција со промени на позициите заменици- министри и две седмици подоцна кога беше формирано ново министерство за цивилна заштита, беа сменети министрите за здравство и туризам, поставени нови заменици- министри односно направени вкупно 11 промени.
Изминатата година Грција ја потресоа низа убиства, дел од нив беа расчистување сметки меѓу криминални групи, но голем дел, најмалку 18 беа „фемициди“ односно убиства на жени од нивните сопрузи, партнери или момчиња.
Убиство кое и по девет месеци, сè уште не е расчистено е и она на новинарот Јоргос Карајваз од телевизијата „Стар“, кога со најмалку шест куршуми беше застрелан пред неговиот дом во атинска населба, а лично грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, побара итно откривање на сторителите.
Грчката централно левичарска партија Движење на промена (КИНАЛ), поранешно ПАСОК, минатата година остана без лидерката Фофи Генимата, која на 25 октомври ја загуби долгогодишната битка со ракот и почина на 57- годишна возраст.
На регуларно закажаните избори за претседател на партијата, во декември, лидерската позиција ја доби европратеникот Никос Андрулакис ,откако убедливо победи во вториот круг, со повеќе од двојно поголем број гласови во споредба со неговиот против кандидат поранешниот премиер Јоргос Папандреу.
„Будење“ на грчкото #Metoo
Поранешна грчка олимписка шампионка во едрење Софиа Бекатору за време на конференција, по 23 години молк, првпат јавно и отворено проговори дека во 1998 година, на 21- годишна возраст била жртва на сексуално насилство од официјално лице во Грчката едриличарска федерација, што предизвика низа реакции во Грција, низа оставки во федерацијата и поддршка за спортистката.
Со сведоштвото, Бекатору го отвори патот и за други спортистки и жени да го прекинат молкот и јавно да проговорат за сексуалното насилство, за сексуалната злоупотреба и сексуалното вознемирување и грчкото #MeToo да стане главна тема во Грција.
Беа откриени низа сексуални скандали, особено меѓу актерите кои во минатото биле жртви на сексуално насилство и сексуално вознемирување, дел од сторителите се веќе во притвор, а меѓу покарактеристичните случаи е оној со поранешниот директор на Националниот театар на Грција, актерот и режисер Димитрис Лигнадис, како и актерот Петрос Филипидис.
Владата лансираше специјален сајт за грчкото #metoo, односно за жртвите и појавите на сексуално насилство и сексуална злоупотреба, со централните слогани „Прекини го молкот“ и „Заедно го прекинуваме молкот“, а целта е граѓаните да се информираат за прашањата поврзани со сексуалното вознемирување, злоупотреба и насилство од претпоставените и начините за справување, но и за поднесување пријави од жртви.