За разлика од пред една година кога политичките партии во Албанија беа под изборна треска, актерите на политиката сцена годинава ќе се соочат со последиците од своите постапки.

Прв е шефот на државата Илир Мета, за чија судбина на 18 месецов одлучуваат седумте уставни судии. Со одлука на овој суд во корист на одлуката на Собранието, донесена во јуни минатата година, за негово разрешување, може да се означи првиот преседан на разрешување на претседател, во постоењето на албанската држава

Независно каква одлука ќе донесе Уставниот суд, едно е сигурно, дека 53-годшниот Мета многу брзо ќе се врати на политичката сцена, бидејќи на 24 јули годинава му завршува мандатот како претседател. Веќе најави дека по истекот на мандатот се враќа на лидерското место на партијата Движење за социјалистичка интеграција, што тој и ја формира.

Расколот во најголемата опозициска партија, Демократската, што почна во септември, откако актуелниот Љуљзим Баша, го исклучи историскиот лидер Сали Бериша од пратеничката група, по барање на американската амбасадорка Јури Ким, бидејќи е прогласен за персона нон грата од САД, продолжува да се продлабочува.

Бериша му даде ултиматум на Баша до 5 јануари да ја ослободи функцијата на прв човек на партијата, јавно заканувајќи му се дека дворот на седиштето по истекот на ултиматумот ќе се наполни со 43 илјади демократи, колку што според него, гласале за разрешува на Баша, на референдумот што тој го организираше.

За Бериша, Баша е само обичен пратеник и во два наврата се обиде насилно да влезе во партиското седиште.

И Баша не му остана должен па на седница на Националниот совет го исклучи од сите структури на партијата а предупредувањата се чини не го исплашија, кој како претседател на опозицијата побара продолжување на опозициската акција преку продолжување на мандатот на двете анкетни комисии.

Собраниската битка започнува со нерешените прашања со меѓусебно условување. Владејачките социјалистите ги бараат гласовите на опозицијата за продолжување на мандатите на телата за ветинг, а демократите инсистираат на одобрување на три уставни иницијативи: ветинг и во политиката, територијални и изборни реформи.

Компромисот или не за овие прашања може да даде одговор и на енигмата како ќе се избере наследникот на Илир Мета, со консензус или владејачкото мнозинството за првпат по 15 години ќе избере социјалист на чело на државата, по Мета и неговите претходници, демократите Бујар Нишани и Бамир Топи.

Оној кој очекува мирна политичка година се чини е лидерот на социјалистите и актуелен премиер, Еди Рама.

Нему единствен предизвик му се испразнетите градоначалнички места во 6 општини, чиј резултат се чини дека го фаворизира со поделена опозиција и без силен ривал