Во текот на првата половина од оваа година, официјален Париз ќе биде задолжен за агендата на Европската унија, бидејќи Франција го презема ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, телото задолжено за координација на политиките и донесување закони.
Сепак, мнозинството француски гласачи не се свесни за тој факт, бидејќи на прашањето која земја ќе го преземе ротирачкото претседателство на 1 јануари, само 49 отсто од анкетираните одговориле – „Франција”, пренесува порталот „Политико”.
Ниту европските прашања не се посебен приоритет за Французите, бидејќи само 13 отсто од француските гласачи ја доживуваат Европа како едно од одлучувачките прашања за нивниот избор во првиот круг од претседателските избори во Франција, кои ќе се одржат во април.
Прашањата поврзани со цената на лебот и путерот се сметаат за поважни, а имиграцијата и здравствената заштита се другите две прашања кои најчесто се наведуваат како клучни во неодамна објавениот Евробарометар, паневропско истражување кое се спроведува редовно во име на Европската комисија.
Оние кои планираат да гласаат за францускиот претседател Емануел Макрон или за кандидатот на социјалистите Ан Идалго, сметаат дека Европа е одлучувачка за нивниот глас.
Само 41 отсто од Французите имаат позитивен став кон Европската унија. Граѓаните на Франција исто така имаат помала доверба во европските институции од вкупниот европски просек.