Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во денешното интервју за црногорскиот весник Побједа ги повика лидерите на Западен Балкан да покажат посветеност на реформите и на помирувањето.

Тој наведе дека растот на тензии во Косово и во Босна и Херцеговина и „агресивната реторика ги стопираат реформите”, како и присуството на „странски актери кои работат на поткопување на напредокот”.

Столтенберг во интервјуто се осврна на ситуацијата во Црна Гора, во Србија и во БиХ. Според него Црна Гора е „посветен партнер” и оти Подгорица може секогаш да смета на поддршката на Алијансата.

Тој посочи дека има „редовен дијалог” со српскиот претседател Александар Вучиќ и оти НАТО „во целост ја почитува” политиката на неутралност на Белград, а Алијансата е посветена на изградба на „силно партнерство” со Србија.

Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса оцени и дека „секој обид за ослабнување на институциите на државно ниво ќе ја наруши безбедноста на БиХ”.

– Тоа ќе има и негативни последици за нејзината економија и регионалната стабилност. Затоа, ние сме целосно посветени да продолжиме да ги поддржуваме сите напори за унапредување на реформите и обезбедување ефикасно функционирање на државните институции. Ги повикуваме политичките лидери да работат конструктивно и да покажат политичка волја за доброто на сите во БиХ за унапредувањето на евроатлантските аспирации, наведе Столтенберг.

Тој истакна и дека безбедносните предизвици од пред пандемијата сè уште се присутни и оти тие вклучуваат „асертивна Русија, тероризам, кибер и ракетни закани, климатски промени и безбедносни импликации кои произлегуваат од растот на Кина”. Тој ја повика Русија да „игра конструктивна” улога на Западен Балкан.

– За жал, редовно гледаме дека Русија го прави спротивното. Само минатиот месец, Русија и Кина работеа заедно во ОН за да ги поткопаат напорите на меѓународната заедница за обновување на мисијата на ЕУ Алтеа во Босна. Ова е само еден пример за руското и кинеското влијание на Западен Балкан, што не е од помош. Видовме и хакирање, дезинформации, заплашување и други дестабилизирачки активности, истакна Столтенберг.