Во текот на викендот од главниот град на Литванија, Вилнус, во Ирак беа вратени речиси 100 ирачки државјани, соопшти денеска литванското Министерство за внатрешни работи.

На летот за Багдад и Ербил, во северен Ирак, имало 98 Ирачани кои во Литванија илегално влегле од соседна Белорусија, соопшти министерството, додавајќи дека ова е прв таков чартер лет.

Литванското министерство потенцираше дека враќањето се случило со согласност на ирачките државјани, кои биле на летот.

Министерката за внатрешни работи Агне Билотајт за локалните медиуми потегот го нарече „историски настан”, а министерот за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис им се заблагодари на Европската унија и Ирак за помошта за време на мигрантската криза во Белорусија.

Во текот на изминатите неколку месеци, илјадници мигранти, главно од Блискиот Исток, се обидоа да стигнат до земјите на ЕУ, како што се Полска и балтичките земји, преку илегални преминувања на белоруската граница.

Досега во матичните земји од Литванија се вратени вкупно 537 мигранти, од кои 55 против нивната волја.

Литванија на сите доброволни повратници им нуди еднократна исплата од 1.000 евра, што е значително зголемување во однос на претходните стимулации. Оваа понуда трае до 20 јануари, а по потреба се планирани и дополнителни чартер летови.