Германската индустрија за оружје стравува дека плановите на новата германска Влада да го ограничи извозот на воена опрема ќе ја стават во многу понеповолна положба од конкуренцијата.
-Првите изјави на членовите на новата федерална влада покажуваат дека за извоз на оружје во земјите надвор од ЕУ и НАТО наскоро практично нема да стане збор, изјави за ДПА Ханс Кристоф Ацподиен, извршен директор на Германското здружение за безбедност и одбранбена индустрија.
Во тој случај на пазарот ќе се отвори слободно место, кое, според Ацподиен, ќе биде заземено од европските конкуренти, а германските компании тешко ќе учествуваат дури и во заеднички европски проекти за оружје.
Тој е скептичен во врска и со Законот за контрола на извозот на оружје, што е дел од коалицискиот договор на владата на левиот центар, изјавувајќи дека со него „дополнително ќе се зајакнат националните ограничувања за германскиот извоз на оружје”.
Ацподиен повика на усогласување на контролите за извоз на оружје на европско ниво. Според него, тоа е единствениот начин да се овозможи меѓународна соработка, а не „еднострани национални мерки”.
Германија во последниве години спроведува порестриктивна политика за извоз на оружје од европските сојузници, како Франција, Велика Британија или Шпанија.
Со планираниот Закон за извоз на оружје, новата влада на чело со канцеларот Олаф Шолц сака дополнително да ја ограничи испораката во таканаречените трети земји, односно оние надвор од ЕУ и НАТО.
ДПА потсетува дека токму минатата година повеќе од половината од вкупниот извоз отиде во трети земји.
Федерална влада на Меркел минатата година одобри извоз на оружје за рекордни над девет милијарди евра. Над половината од сумата беше одобрена во последните денови од нејзиниот мандат, кога таа само „технички” ја извршуваше работата.