Над 4.400 мигранти минатата година загинале во обид да стигнат до Шпанија по море, соопшти вчера шпанската невладина организација „Каминандо Фронтерас“.
Во 2021 година досега најмногу мигранти загинале на пат кон Шпанија, речиси двојно повеќе од 2020 година, во која се верува дека на таа мигрантска рута загинале 2.170 лица.
Само на патот од брегот на Западна Африка кон Канарските острови загинале 4.016 мигранти, соопшти шпанската организација.
Бројот на загинати што го изнесува „Каминандо Фронтерас“ е три и пол пати поголем од оној на Организацијата за миграција на ОН (ИОМ). Шпанската организација вели дека нејзините активисти се во близок контакт со преживеаните од катастрофите и семејствата на мигрантите во Африка.
Во сите случаи, се тврди оттаму, податоците од примарните извори се споредуваат со информации од мигрантските заедници, официјалните тела и други невладини организации на терен.
И веб-страницата на ИОМ забележува дека бидејќи „несреќите со фатални последици често пати се регистрираат неколку недели или месеци по настанот, конечниот број на загинати во 2021 година веројатно ќе биде значително поголем“.
„Каминандо Фронтерас“ вели дека има вкупно 4.404 смртни случаи, 4.175 потврдени смртни случаи и 229 мигранти кои исчезнале од почетокот на обидот за миграција и речиси сигурно се мртви. Меѓу жртвите има 628 жени и 205 деца.