Сите патници со наполнети 12 години, независно дали се вакцинирани или не, за пристигнување на Кипар ќе треба да имаат негативен резултат од ПЦР тест направен 48 часа пред патувањето, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата мерка стапува во сила вечерва во 23 часот, а дополнително, задолжителен е и ПЦР по пристигнувањето, што е на трошок на патниците.

Со исклучок на оние кои ја примиле бустер дозата, останатите ќе треба уште еднаш да се тестираат со рапид тест, 72 часа подоцна.

Конкретните правила важат за сите патници кои пристигнуваат на Кипар од земјите за кои постои дозвола за патување на островот, а меѓу нив се земјите членки на ЕУ, на Шенген зоната и околу 30 трети земји.

Останатите држави кои не се вклучени во конкретната листа се во „сивата категорија“ и за патување на Кипар потребна е специјална дозвола.

Во земјата, во изминатите денови е регистрирано драстично зголемување на новозаразените, а попладне, претседателот Никос Анастасиадис ќе одржи состанок со Комисијата на епидемиолози и надлежните министри за да се разгледа епидемиолошката слика.